Германската амбасадорка во земава, Анке Холштајн, изјави денеска во Скопје дека се надева дека ќе успеат напорите за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како и дека тоа е повеќе од заслужено.
„Почнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, во секторот на проширувањето, беше една од најважни цели во претседавањето на Германија. Остануваме и понатаму на прашањето. Остануваат разговорите кои се водат на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни. Работиме секако тесно со португалското претседателство. Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на широко позитивно поставување на агенда, која ќе покаже дека соработуваат, а тоа ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред кон одржување на првата конференција“, истакна Холштајн, додавајќи:
„Започнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија беше во секторот на проширувањето една од нашите најважни цели во претседавањето на Германија. Ние можевме да дојдеме до спогодба со 26 земји, но 27 земји не дадоа согласност. Како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи“, рече амбасадорката Холштајн одговарајќи на новинарско прашање на заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев, по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.