“ХОМО“ со премиера во рамки на фестивалот „Синедејс“

од Берта Китинска
453 прегледи

Долгометражниот игран филм „ХОМО“, под режисерската палка на Игор Иванов – Изи и во продукција на Скопје Филм Студио, вчеравечер ја доживеа македонската премиера во рамки на овогодинешното издание на Фестивалот на Европски Филм “Синедејс“. “ХОМО“ беше прикажан како филм за затворање на Фестивалот, а неговата премиера се одржа на кровот на Градскиот Трговски Центар во Скопје.

“ХОМО е приказ на нашето општество во кое се доведени во прашање примарните човечки вредности. Станува збор за “корална“ структура сочинета од 6 индивидуални приказни за 6 карактери од Скопје, чии животни судбини се испреплетуваат по играна случајот. Во нив сме отсликани ние, луѓето денес, овде и сега… Хомо е наш печат, наш белег во времето.“ – изјави Игор Иванов – Изи, режисер на филмот.

“Ова е филм за нашата генерација и времето во кое живееме. Финалниот продукт кој македонската публика имаше можност премиерно да го погледне е резултат на посветена работа во која, предводена од Скопје Филм Студио учествуваа продукции од 5 земји. Можам да кажам дека сум задоволен од работата на сите филмски професионалци, актери и од голема меѓународна екипа.“ – изјави Томи Салковски, Продуцент на ХОМО.

Филмот ‘ХОМО“ наскоро ќе биде дел од редовниот кино репертоар.

За “ХОМО“

Драмата “ХОМО“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија)

Актерската екипа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.

Снимањето на “Хомо“ започна на 12.03.2019, согласно поставените планови, траеше вкупно 5 недели, а последната клапа беше удрена на 14. април, 2019 година. Филмот се снимаше во екстериер и ентериер, на повеќе од 20 локации во Скопје, а за потребите на снимањето беа ангажирани преку 1000 статисти, со возен парк од околу 100 возила во еден кадар. Организирано беше и специјално снимање – експлозија во автобус, за кое беа задолжени професионалци за специјални ефекти од Србија и сцени со каскадери, за кои беа ангажирани докажани имиња од Бугарија.

Покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од “Агенција за Филм на Република Северна Македонија“, филмскиот Проект ХОМО поддршка доби од “Национален филмски центар на Бугарија“, “Филмски центар на Србија“, “Косовски центар за кинематографија“ и од “Словенечки филмски центар“.

Слични содржини