Хоти: Направен напредок во изготвување на конечен договор, кој ќе доведе до заемно признавање

од Vladimir Zorba
325 прегледи

Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека на состанокот во Брисел е постигнат напредок во изготвувањето на конечен договор меѓу Белград и Приштина, кој ќе биде правно обврзувачки и ќе доведе до целосно нормализирање на односите, пренесува „Коха“.

Хоти по средбата со претседателот Александар Вучиќ рече дека ќе продолжи да се применува принципот ништо да не биде договорено додека не се договори конечниот договор, што треба да донесе заемно признавање, пренесува „Косово Онлајн“.

„Денес се одржа втор состанок на високо ниво со српската страна за да се работи на конечен, општ договор, правно обврзувачки, за целосно нормализирање на односите, што треба да доведе до заемно признавање. Ние сме во Брисел само заради ова прашање, за да ја покажеме нашата конструктивност како Влада, дека сме подготвени да одиме напред. Задоволен сум што можам да кажам дека е постигнат напредок во изготвувањето на конечен договор меѓу двете земји за целосно нормализирање на односите“, рече Хоти.

Според него, идните состаноци ќе продолжат со темите што треба да се решат, а кои ќе бидат дел од конечниот договор, со примена на принципот „дека за ништо не се согласуваме, сè додека не се договориме за конечниот договор“.

Што се однесува до реакцијата на ЕУ на ветувањето на Приштина за отворање амбасада во Ерусалим, Хоти рече дека за тоа денес не се разговарало, иако ЕУ рече дека тоа е спротивно на нејзините ставови.

„Тоа не беше темата на овој состанок. Нашата перспектива е европска. Немаме друг начин, мора да работиме напорно со ЕУ. Договорот постигнат во Вашингтон и признавањето на Израел е важен чекор за консолидација на државноста на меѓународната сцена. Ќе работиме заедно за зајакнување на државноста на Косово“, рече Хоти.

Тој посочи дека „Косово ја презело обврската и дека ќе се движи во таа насока“.

„На состанокот со Лајчак и Палмер, ми беше кажано дека нема блиска координација, туку целосна за процесот на дијалог меѓу ЕУ и САД. Во Вашингтон, имаме договор за нормализирање на економската работа со некои политички елементи. Денешниот состанок и постигнатиот напредок не зближуваат до конечен договор за заемно признавање“, рече Хоти.

Слични содржини