Храбри Македонки: Армијата за нив е гарантирање на мирот и сигурноста на државата

од Берта Китинска

Армијата за нив е главна алка во целиот безбедносен систем, гарантирање на мирот и сигурноста на државата и регионот.Иако кај нас се уште се смета за машки свет овие дами кои гордо стојат рамо до рамо со своите колеги мажи велат дека тимска работа ги има научено да функционираат како едно.

-Без разлика што преовладуваат мажи, ние сме всушност сите војници и професионалниот однос е на многу високо ниво. Функционирањето и работењето во една таква средина каде што преовладуваат терени и тимска работа не научила да функционираме како едно, вели за „Локлано“, Соња Михалчева која има 29 години и е дел од Ренџерскиот баталјон во Армијата на С.Македонија.

Таа раскажува дека патот до успехот посебно за влез во една елитна единица како Ренџерскиот баталјон воопшто не бил лесен.

-Не така честата слика жените да бидат дел од Армијата мислам дека беше најголемиот поттик за да се приклучам во редовите на нашата Армија, со цел да го докажеме спротивното дека и ние умееме и можеме.Патот до успехот посебно за влез во една елитна единица како Ренџерски баталјон не беше воопште лесен. Се соочив со многу физички и психички притисок кој всушност ми помогна да се изградам како цврста личност и тимски играч, кој се главни особини на еден војник. Преку целиот процес на селекција учите дека морате да се почитувате и да си помагате еден со друг без разлика на половата и верска припадност, затоа што вие станувате дел од едно големо семејство, раскажува Михалчева која од 2015 година е вработена во Армијата имам завршено средно медисинско училиште и ВСС, Дипломиран психолог.

Нејзина поддршка во целиот процес вели дека биле нејзините најблиски кои со нивните совети ја воделе и давале сила да успее во целта што ја поставила.

-Нема поубаво чувство кога знаете дека некој верува во вас и секогаш е тука за да ви каже дека можете кога вие најмалку верувате во себе и кога е најтешко, објаснува Соња.
Ренџерката својот работен ден го започнува со облекување на униформата и кревање на знамето и смотра.

-Од таму секој ги прима своите тековни задачи од своите претпоставени и по пат на хиерархија се пренесуваат до секој припадник, кој понатаму продолжува кон реализирање на истите. Воглавно работниот ден на еден припадник на Армијата се состои во постојано оддржување на физичката активност, но и интелектуалната и тактичката подготвеност. Секојдневно извежбуваме, учиме и го надоградуваме веќе стекнатото знаење.Кога сте дел од Армијата треба да знаете дека со завршување на работното време не завршуваат целосно вашите обврски. Вие сте личност која треба да внимава како се однесува и надвор од работното место и да бидете за пример за другите.Слободното време најчесто го користам да се релаксирам со најблиските, да прошетам и да се дружам, а крајот од денот секогаш го завршувам со читање на книга, раскажува таа.

Михалчева е првата жена Ренџер која го има освоено првото место на Ренџерските игри за кои вели дека физичката спремност се должи на долгогодишното работа и вербата во себе.

-Како припадник на Ренџерскиот баталјон секогаш има предизвици кои ти претстојат и каде секогаш на крајот успеваш да си докажеш дека со многу труд и работа се постигнува и невозможното. Еден од тие предизвици за мене беа Ренџерските игри каде за прв пат учествуваа жени и докажавме дека можеме и умееме. Физичката подготвеност за издржување на тие игри не се должи на неколку месечно припремање, напротив се должи на долгогодишна работа и вложување во себе си. Навистина беа исклучително напорни, но голема подршка ми беше тимот кој ме бодреше и веруваше во мене и кој постојано ме подсетуваше дека ние секогаш се натпреваруваме со срце, објаснува Ренџерката.

Соња вели дека се уште не била дел од мисија или меѓународна вежба, но се надевам дека во иднина ќе се стекне и со такво искуство.

-Во денешно време ме радува што се повеќе гледам интерес кај жените да се пријават и да бидат дел од Армијата на Република Северна Македонија , што покажува дека стануваат свесни дека можат да се носат со големи предизвици и да бидат рамо до рамо со мажите.Условите за влез во Армија воглавно се исти и за мажи и жени, но еден од главните услови е да веруваат во себе и во она што сакаат да го постигнат. Да покажат физичка и психичка подготвеност и издржливост, како и способност за справување со несекојдневни ситуации, објаснува таа.

За неа Армијата е главниот столб кој што ја гарантира сувереноста и интегритетот на една држава.

-Во нашито случај како земја членка на НАТО алијансата , Армијата претставува главна алка во целиот безбедносен систем, односно во гарантирање на мирот и сигурноста на државата и регионот, подвлекува Ренџерката.

Сара Мишева веќе шест години работи како офицер во Артилерискиот баталјон во касарната „Мирче Ацев“ – Прилеп, таа е командир на баталјон и се занимавам со командување и раководење на единица од околу 70 тина војници.

-Интересот за оваа професија се роди во средно образование, иако уште од мали нозе се гледав себеси во вака пожртвувани професии. Иако бев посветена на изучување јазици на таа возраст, одлуката за да конкурирам на Воената Академија беше буквално во последен момент и среќна сум што ја донесов таа одлука.Поддршката од моите најблиски ја имав од почеток и тие беа со мене како во текот на школувањето така и во работата. Советите најчесто ги добивав од луѓе кои веќе се занимаваа со оваа професија, а коментарите воглавно беа позитивни, вели Мишева која има 28 години и живее во Велес.

Таа објаснува дека нејзините задачи се воглавно командни и лидерски, како, организирање и реализирање на обука, изведување на различни вежби, боеви и подготвителни гаѓања и координација и мотивација на целокупниот персонал од нејзиниот состав.

-Навиките и одговорноста на носењето на униформата остануваат секако и во приватниот живот. Дисциплината и редот, тоа некако само по себе си доаѓа и секако дека тоа можеби им е и чудно на луѓето кои не се занимаваат со оваа работа.Секојдневно се соочувам со одредени предизвици кои имаат одредена тежина. Како најголеми достигнување ќе ги издвојам: два пати избор за најдобар вод во составот на Командната батерија, каде првично бев поставена, за денот на единицата и во склоп на тоа избор за најдобра батерија во составот на Бригадата, вели таа.
И Мишева досега немам учестувано во некоја мировна мисија иако би сакала секако.

-Како големо искуство надвор од земјата ми беше „Captain Carrier Course“, курс во Соединетите Американски Држави, каде бев седум месеци и успешно го завршив. Секако за заминување се потребни одредени критериуми кои треба да се задоволат. Искуството е големо и секако би ми било од корист при извршувањето на обврските и должностите тука, вели таа.

Офицерката појаснува дека од година во година заинтересираноста кај жените да влезат во Армијата е поголема објаснувајќи дека тоа неа ја радува и ги охрабрувам сите припаднички од женскиот пол да се пријавуваат во уште поголем број.

-Критериумите за влез во академијата се исти за сите кои сакаат да конкурираат, во интерниот оглас се наведени сите потребни документи и услови кои треба да се исполнат, единствената разлика се нормите за проверката на физичката подготвеност, подвлекува Мишева.

Иако раковид со околу 70 тина војници таа појанува дека односот со колегите и потчинетите е пред се човечки, а потоа професионален.

-Како што спомнав и претходно, униформата сама по себе си носи одредени обврски и должности во зависност од вашата функција кои мора да се почитуваат, без разлика на полот. Односот со моите колеги и потчинети е пред се човечки а потоа и секако професионален, вели Мишева за „Локално“.

За неа Армијата на С.Македонија е гарант за мирот и територијалниот интегритет државата.

Се следат трендовите на модерните армии

Од министерството за одбрана велат дека во Армијата се применува Програмата за еднакви можности за жените и мажите при што се помовираат и развиваат принципите за еднакви можности на жените и мажите и родовата перспектива.

-Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија вложуваат напори во јакнењето на капацитетите на механизмите за родова рамноправност, што подразбира почувствителен пристап кон припадниците и припадничките на вооружените сили за прашања од областа на родовата рамноправност. Ги следиме трендовите на модерните армии во светот кои покажуваат дека зголемувањето на застапеноста на женскиот пол во армиските структури се посветува големо внимание. Од 2009 год. Во министерството и Армијата се применува Програмата за еднакви можности за жените и мажите при што се помовираат и развиваат принципите за еднакви можности на жените и мажите и родовата перспектива, појануваат од МО.

Оттаму потенцираат дека трендот на подобрување на застапеноста на жените во структурата на Армијата продолжува.

-Од вкупниот персонал во Армијата на Република Северна Македонија , 10,14% се жени од кои офицери се 16,58%, подофицери 10,93% , професионални војници 5,56%, а жени цивили во Армијата има 33,82%. Трендот на подобрување на застапеноста на жените во структурата на Армијата продолжува, особено кај офицерскиот кадар, така да веќе со највисокиот чин полковник во Армијата имаме 3 полковнички и 33 потполковнички е а имаме добра бројка на жени- мајори , капетани и поручнички.Жените за првпат беа примени на курсеви за службите за офицери и подофицери во Армија во 1997 година, информираат од министерството.

Тие напоменуваат дека во Армијата имаат овластени лица за посредување во случај на вознемирување на работното место.

-Во Армијата и Министерството за одбрана има 21 овластени лица за посредување во случај на вознемирување на работното место, како и 36 родови претставници чии податоци се јавно достапни и со истите се запознаени сите врабоени во МО и Армијата . Да напоменеме дека постојано се врши континуирана обука и едукација за родовата еднаквост,се спроведуваат кампањи и активности за промоција и запознавање со Резолуцијата 1325-Жени и мир и сигурност на СБОН и родова перспектива, велат од МО.

Б.М.

Слични содржини