Храна која треба да се јаде истиот ден кога ќе се зготви или отвори

од Vladimir Zorba
366 прегледи

Некои намирници кои ги консумираме треба да ги јадеме истиот ден кога ќе ги отвориме или зготвиме, бидејќи во спротивно може да му наштетат на нашето здравје.

Експертите за безбедност на храна предупредуваат дека мора да бидеме крајно внимателни бидејќи некои намирници може да се расипат по ден-два, дури и ако се зготвени.

„Повеќето остатоци дефинитивно ќе траат три или четири дена ако се изладат во рок од два часа по готвењето, се пакуваат во херметички затворен сад и се чуваат во фрижидер. Но, има некои намирници кои се повеќе склони кон раст на бактерии и не треба да ризикувате“, советува за Daily Mail нутриционистот Трејси Бригман.

Примери на бактериски, паразитски и вирусни инфекции преку храна се салмонела, токсоплазма, листерија, норовирус, ешерихија коли. Најчест е норовирус, кој годишно погодува еден од 15 луѓе.

Еве пет намирници кои можат да му наштетат на вашето здравје доколку не ги консумирате во рок од еден ден по купувањето или готвењето:

Тврдо варени јајца

Не лупете тврдо варени јајца ако сакате да траат подолго од 24 часа. Лушпата од јајцето делува како заштитен слој кој штити од бактерии. По отстранувањето на лушпата, бактериите можат брзо да навлезат во порите на јајцето и да го контаминираат. Докажано е дека листерија ги напаѓа тврдо варените, излупени јајца.

Листериозата се поврзува и со непастеризирано млеко, меки сирења, зеленчук и сувомеснати производи. Симптомите вклучуваат главоболка, конфузија, болки во мускулите и треска.

Мелено месо

Според американското Министерство за земјоделство (USDA), мелено месо без загревање трае само еден до два дена пред да почне да се расипува.

„За време на процесот на мелење, бактериите од површината на суровото месо може да се мешаат во производот. Затоа меленото месо мора да се свари до крај за да се уништат сите бактерии“, објасни Бригман.

Покрај салмонелата, меленото месо е и место за размножување на ешерихија коли. Инфекцијата со оваа бактерија може да предизвика грчеви во стомакот, крвава дијареа и повраќање.

Диња

Д-р. Дарин Детвилер, експерт за безбедност на храна од Универзитетот Нортистерн во Бостон, вели дека дињата никогаш не треба да се чува во фрижидер повеќе од еден ден бидејќи патогените како салмонела и листерија брзо растат.

„Диња треба да се јаде веднаш штом ќе ја исечете. Никогаш не купувајте веќе исечена диња“, предупреди тој.

Внатрешноста на ова овошје има идеална pH вредност за раст на бактериите, а дињата е поврзана со моменталната појава на салмонела која зарази 117 Американци, хоспитализира 61 и уби двајца. Симптомите на инфекција со салмонела може да вклучуваат дијареа, грчеви во стомакот и треска.

Пилешко

Ако сте купиле пилешко и сте го заборавиле неколку дена, голема е веројатноста дека е лошо. Живината е особено склона кон салмонела бидејќи е помека од црвеното месо како говедското, па бактериите можат полесно да навлезат во него.

Расипаното пилешко може да добие сиво-зелена боја, а може да се појават и мувлосани дамки што укажуваат на присуство на бактерии. Исто така, има лигава текстура. Исплакувањето на пилешкото нема да ги елиминира бактериите.

Варен ориз

Иако може да остане во оставата со месеци, варениот ориз брзо се расипува. Тој е склон кон бактериите кои формираат спори Bacillus cereus и најчесто се наоѓа во сирова и необработена храна како што се компирите, грашокот, гравот и одредени зачини. Бактеријата е особено честа кај оризот или другите зрна кои се оставени на собна температура или во недоволно ладен фрижидер. Имено, бактеријата Bacillus cereus најдобро расте во температурен опсег од 4 до 48 Целзиусови степени.

Симптоми на инфекција со оваа бактерија се повраќање, дијареа и грчеви во стомакот. Најголем ризик од инфекција се постарите лица и лицата со ослабен имунитет.

Слични содржини