Љубовта, вниманието, нежноста, времето поминато со своето дете ништо на светот не може да ги надомести. Трката за финансиска сигурност, родителите ги моделира во личности кои можеби носат грижа на совест за краткото време што им останува од работниот ден да го поминат со своето дете. Тоа ги принудува на некој начин да купуваат подароци, сакајќи да го надоместат тој недостаток, вели во интервју за „Локално“, м-р Ирена Христовска.
Таа објаснува дека подарувањето предизвикува убави чувства, чувство на задоволство, среќа, благодарност и тоа што се јавува како недостаток е доколку подарувањето стане многу зачестено и не поткрепено со прегратки, внимание и убав збор.
Медиумската писменост и критичкото мислење наскоро ќе бидат интегрирани во сите наставни предмети во училиштата.Со оглед на ситуацијата со медиумите во земјава, дали мислите дека ова ќе помогне во препознавање на лажните вести?
– Со оглед на тоа што медиумите до толку ја обликуваат нашата слика за реалноста, медиумската писменост секако е една од клучните компетенции за живот во 21 век. Затоа, медиумската неписменост може да ги загрози демократските процеси, може да доведе до погрешни одлуки, она што го гледаме од нашите видеа е, како медиумските содржини можат негативно да влијаат на сликата на децата за себе, но и за нас како возрасни.
Концептот на медиумска писменост e дефиниран на Националната лидерска конференција за медиумска писменост во 1992 година како „способност за пристап, анализирање, оценување и испраќање пораки преку медиумите“ (Aufderheide, 1992).
Централната тема на медиумската писменост е совладувањето на критичките и креативните вештини, односно знаењето кое помага да се поврзат сложените идеи, постојано да се поставуваат прашања, да се препознаат вистинските одговори, да се идентификуваат заблуди кои се темел на интелектуалните слободи.
Оваа дефиниција се фокусира на концептот на медиумска писменост, кој поаѓа од медиумите како позитивни извори на информации и забава, и за кој треба да се усвојат или реализираат многу различни знаења и вештини. Развиените општества не им оставаат на поединците да се грижат за себе и да успеат да го стекнат ова знаење на несистематски начин, туку поттикнуваат различни општествени стратегии на медиумска писменост, следејќи позитивни меѓународни примери и препораки.
УНЕСКО го покрена прашањето за медиумско образование во 1970-тите. Врз основа на идејата за важноста на медиумите во животот на поединците и семејствата, тие побараа научниците да се состанат на меѓународно ниво за да истражат начини за вклучување на медиумското образование во образовните системи на сите развиени, па дури и помалку развиени земји. Од потпишувањето на Декларацијата за медиумско образование во 1982 година до денес, концептот на медиумска писменост или медиумско образование донекаде се промени, но остана заснован на основната идеја – комуникациските права кои произлегуваат од основните човекови права гарантирани со документите на меѓународната заедница.
Медиумската писменост развива различни вештини: технички (способност за пристап до медиумите), критички (разбирање на медиумските содржини, способност за интерпретација и критичко оценување) и практични (способност за креирање медиумски пораки). Тие овозможуваат медиумите да бидат разбрани и прифатени на добар начин, без стереотипи, во општество кое ги набљудува внимателно и критички. Mедиумската писменост не подразбира (само) способност за користење дигитални комуникациски уреди, туку, пред сè, критички однос кон содржината што медиумите ни ја пласираат. Со други зборови, ние сме многу подложни на влијание на дезинформации, лажни вести и други видови манипулации. Умешноста да се препознае лажна вест е токму критичкото размислување, поттикнување на љубопитноста кај детето и постојаното поставувањена прашања и барање на одговори. За поттикнување и развој на овие знаења, особини и вештини кај децата, секако дека е потребен и медиумски писмен кадар, кој би можел на соодветен начин правилно да ги насочува и води децата во процесот на истражување и формирање на критичко размислување.Но, и медиумите не се амнестираат од пласирањето на видот и провереноста на информациите за сите реципиенти, особено за публиката од најмала и најсуптилна возраст, каде родителот ја игра клучната улога.
Затоа е многу важно да се најде една „златна средина“ помеѓу медиумите и системот на образование. Медиумите првенствено би требало да поттикнуваат критичка дебата која е заснована на факти, а целиот систем на образование да биде поставен, така што ќе го афирмира критичкото размислување.
Што треба да се смени за да добие критичка публлика која сама ќе расудува при примањето на информации?
– Многу експерти посочуваат дека треба да почнеме да ја развиваме медиумската писменост кај децата од моментот кога ќе се сретнат со медиумите, а знаеме дека тоа се случува уште од многу рана возраст. Во Финска на пример, медиумската писменост е вклучена во националниот курикулум, кој се однесува на образование на децата од 10 месеци до 19 годишна возраст, односно од поаѓање во градинка, па се до завршување на средното образование. Во основа е идејата дека медиумското образование треба да ги поддржи можностите на децата да бидат активни и да се изразуваат во нивната заедница. Затоа, наставната програма треба да предвидува децата да се запознаат со различни видови медиуми и мора да имаат можност да ги истражуваат медиумите и да создаваат медиумска содржина преку игра во безбедна средина. Децата треба да се охрабруваат и да размислуваат за медиумските содржини со кои се среќаваат во животот. Така, преку овој процес се градат основите за вештините на критичка перцепција на медиумските содржини.
Но, во овој најраниот период, улогата на родителите е клучна во однос на изборот на содржина за децата и објаснувањето зошто гледаме нешто и зошто не, и на тој начин полека ги учиме децата како критички да ја анализираат таа содржина. Она што генерално им се препорачува на родителите е да се погрижат времето кое децата го користат со различни медиуми да биде избалансирано со нивните други активности и тоа да не влијае негативно на другите животни навики како што се спиењето, играњето, учењето и комуникацијата лице в лице. Исто така, треба да се има предвид дека секое медиумско искуство не е исто и не е сé едно дали детето гледа некоја несоодветна или потенцијално негативна содржина, или ги користи медиумите за да научи, да истражува нешто што го интересира, да креира своја содржина. Сето ова треба да се земе предвид и да се одржува оваа рамнотежа. А, што со негативните содржини?! Наместо да стравуваме, потенцијално негативните содржини можеме да ги искористиме за да ги едуцираме децата, да разговараме со нив и да ги поттикнеме основните вештини за медиумска писменост.
За да имаме „добра“ критичка публика, потребна е „добра“ и темелна едукација, да знаеме правилно да ги користиме ресурсите, критички да размислуваме и со „своја глава“ и постојано да прашуваме.Ниту една информација не треба да се зема „здраво за готово“, без да се провери истата, да се провери нејзиниот извор, валидноста на медиумот, фактите кои зборуваат за неа, да се пребаруваат нови извори и сл. Во многу случаи, знаеме да поверуваме на информација која е искажана од личност која ужива углед, почит, но…Информацијата треба да ја провериме, зашто не знаеме таа личност од каде ја добила, едноставно да ја одвоиме информацијата од личноста, како и да се ослободиме од стравот и срамот да прашуваме, при тоа почитувајќи ја етиката и објективноста.
Изминативе години зголемен е бројот на магистри дкотори на науки…дали овие дипломи се доказ дека имаме квалитетно образование?
– Убаво е да се образуваме, убаво е што има зголемен број на титули. Лично го поддржувам квалитетното и темелно образование засновано на вистински вредносни критериуми и трајни знаења. Валидацијата на дипломите, и квантитетот на истите не секокгаш е пропорционално со квалитетот на образованието. Мое мислење е дека дипломите не се доказ за квалитетно образование, зашто зголемениот број е показател на квантитет, но не и на квалитет. Образованието е едно од главните стoлбови за квалитетот на знаењето, што значи напредок на општеството во целина. Кога станува збор за квалитетот на образованието, потребно е да се анализираат сите сегменти од образовниот процес. За да се постигне квалитет во образованието мора да се постигне квалитет во одредени компоненти или елементи на целото образование. Исто така, треба да имаме на ум, дека треба да направиме дистинкција помеѓу образованието и школувањето. Школувањето се одвива во одредени институции предвидени за тоа и тоа е само еден дел од образованието. Додека, пак, образованието е поширок поим, кој се однесува на стекнување на знаења и вештини не само во училиштето, туку и надвор од него. Така да бадијала се сите дипломи, доколку знаењата не се применат во пракса, доколку не се искористат и да се види бенефитот и напредокот, како на индивидуата, така и на општеството во целина. Е, тогаш веќе може да се зборува за квалитетно образование.
Дали слични едукативни програми треба да се воведат и за постари лица, со оглед дека тие се оние кои се најголеми „консументи“ на овие вести и корисници на социјални мрежи?
– Неопходно е да се едуцираат и возрасните бидејќи само медиумски писмени возрасни може да образуваат медиумски писмени деца. Во Британија, на пример, предупредуваат дека во наставните содржини треба да се прошират и да ги дополнат со потребите и занимањата на целата популација, а не само на родителите и наставниците, со што би била опфатена целата популација. Медиумската писменост треба да се набљудува во еден поширок општествен контекст, каде важна улога играат културата, критиката и креативноста на поединецот. Важно е да се запознаат со сите учесници во процесот на комункација, начинот на дејствување, влијанието, насочувањето и законската регулација на медиумите, а пред се со настанувањето на пораките и нивното влијание. Затоа медиумската писменост го опфаќа и емоционалното ниво на поединецот кој треба естетски да ги прифати и да процени одредени медиумски содржини. Исто така не смееме да го занемариме моралниот видик , кој подразбира препознавање и оценување на важноста и вредноста на медиумите и утврдувањето на (не)етичноста и објективноста на одредена медиумска пракса.Како крајна и најважна цел е добивањето на критичка автонимија на секој поединец, која води во активно општествено ангажирање. Кај повозрасната популација, пристапот и достапноста на поголем број информации е важен елемент за медиумска писменост. Само набавката на одредени апарати и дигитална опрема во овој период на дигитализација и знаењето за ракување со истата, не не прави медиумски писмени.Пристапувањето и достапноста на информациите се само предуслов за медиумска писменост кај повозрасните. На нив никој не им објаснил како правилно да ги користат информациите на интернет, нивните извори и зожто мораме критички да се однесуваме кон нив, имено, светот не престанува да постои после првата страница на податоците на гугл. Лично мислам дека е потребно да се воведат програми наменети за возрасни, кои би сакале да усвојат знаења и вештини за медиумска писменост, со што би се трансформирала затапеноста на пасивно потрошувачко општество во активно граѓанство. Потребно е сите да сфатиме, дека медиумите не се ниту штетни ниту корисни, а можат да бидат и и многу штетни и многу корисни. Иако јавноста најчесто се занимава со опасната и штетната страна на медиумите, прекумернотонасилство, порнографијата, стереотипите, сензационализмот и „жолтиот печат“, тие можат да бидат и корисен извор на забава и информации. Двата начина влијаат на социјализацијата и обликувањето на идентитетите на децата и возрасните, како и на националните идентитети. Правилното и дозирано користење на медиумите, критичкиот став и филтрацијата на информациите се важни и за повозрасната популација.
Држите сминари и обуки за наставници, родители и деца на најразлични теми развој на самодоверба , комуникација (родител-дете). Колку нашите граѓани имаат интерес и потреба да посетуваат ваков тип на семнари и обуки за личен и професионален развој?
– Во моментов сметам дека е зголемена потребата за посета на семинари, предавања и обуки од ваков тип. Пандемијата на глобално ниво го направи своето.Иако овој вид на предавања пожелно е да се одржуваат со физичко присуство, сепак и со он-лајн настани може да се постигне посакуваниот исход. Сé зависи од намерата, заинтересираноста и целта на посетителите, нивната самодисциплина, упорност, трпеливост и истрајност да го реализираат тоа што го сакаат. Ме радува тоа што одредени алатки со кои се запознаваат на настаните имаат примена тука и сега во нивното секојдневие. Искуството говори дека знаењата и вештините кои се стекнуваат на овие настани, имаат применливи и трајни вредности. Наставниот кадар и стручните соработници од неколку училишта, веќе секоја година редовно ги следат предавањата, семинарите и обуките за кои однапред се договараме. Со нив имаме постојана соработка и предлагаме теми кои ги засегаат кои се актуелни. Некои родители тврдат дека искуствата стекнати на обуките и работилниците многу им помагаат кога се среќаваат со предизвиците на секојдневието и тоа не само на нив, туку и на нивните деца. Овие настани треба да ни служат за да се информираме, да знаеме што, кога, каде, како и зошто. Најчесто ние реагираме и бараме решение откако нешто ќе се случи или некој ќе ни наложи, па тогаш мораме да одиме да посетуваме разни обуки, работилници, семинари. А, суштината е поинаква. Ние треба да покажеме иницијатива, да превенираме, да истражуваме, да предлагаме … не затоа што некој го бара тоа од нас, туку затоа што сакаме да се развиваме како единки. Нашиот индивидуален развој влијае на развојот на средината, влијае на луѓето кои не опкружуваат. Нашето најтесно опкружување е нашето семејство, значи влијаеме на развојот на односите во семејството. Потоа влијаеме на луѓето со кои сме опкужени на работното место, како и на луѓето во нашето пошироко опкружување од нашата непосредна околина. Кога би биле одговорни првенствено кон себе и несебично и неусловено би работеле на сопствениот развој, тогаш сме одговорни и кон заедницата и придонесуваме за нејзиниот развој и општото добро на сите.
Родителите денес се презафатени и немаат време за своите деца. Но, знаат со подароци да ја надоместат љубовта мислејќи дека подигнуваат среќно семејство. Која е Вашата порака и совет до овие родители?
– Љубовта, вниманието, нежноста, времето поминато со своето дете ништо на светот не може да ги надомести. Трката за финансиска сигурност, родителите ги моделира во личности кои можеби носат грижа на совест за краткото време што им останува од работниот ден да го поминат со своето дете. Тоа ги принудува на некој начин да купуваат подароци, сакајќи да го надоместат тој недостаток. Факт е дека подарувањето предизвикува убави чувства, чувство на задоволство, среќа, благодарност. Тоа што се јавува како недостаток е доколку подарувањето е многу зачестено и не поткрепено со прегратки, внимание и убав збор. Оноа што родителот треба да го подари е љубовта. Љубовта не е материјална, па секое нејзино материјализирање може и да ја искриви таа слика. Некогаш можеби родителот и нема да биде во можност да купи некој подарок. Дали се размислува, тогаш што би помислило детето?! Можеби дека мама или тато не го сакаат?! Или дека штом нема подарок е помалку вредно?! Затоа за сé’ треба да има граница. Детето се чувствува сигурно и најдобро функционира кога има граница. А, неа ја поставува родителот. Подобро е и тоа малку време што го имаат за заедничка дружба да биде квалитетно поминато, отколку куп подароци, кои го губат значењето.Подароците не можат да бидат замена за родителската љубов и грижа.
Често дел од родителите се обвинуваат самите себеси и си го поставуваат прашањето „Што е ова што ми се случува, зошто не ме слуша моето дете?“. Дали можеме да препознаеме што сака детето да ни каже и тогаш кога детето не ни зборува?
– Ние како родители сме во постојана комуникација со нашето дете, како вербална, така и невербална. Оноа што е особено важно е родителот да знае да го слуша своето дете. Можеби некој ќе рече нормално е дека го слуша. Но, дали е тоа навистина така. Детето на родителот му испраќа огромен број на информации и пораки преку вокабуларот, говорните фрази, но тоа што е најважно се наоѓа токму помеѓу зборовите и во тишината. Ако знаеме активно да слушаме, ние можеме да препознаеме што сака детето да ни каже и тогаш кога не зборува. Дали е тоа мимика или фацијална експресија. Секое придвижување на мускулатурата на лицето кажува многу, држењето на телото, движењето на очите, дали усната е слободна, стисната, дали вилицата е силно стегната, челото набрано, дали прстите се во косата, дланките се стегнати, се превртуваат прстињата, воздивнувања, дишење….и уште многу, многу невербални показатели ни го пренесуваат гласот на детето. Само треба широко да ги отвориме очите и будно да слушаме (звучи небулозно, но е вистинито). Многу е кажано во некажаното и многу пораки се испратени во навидум неважното. Секое дете умее да послуша и да испочитува, но за тоа од особено значење е комуникацијјата, поточно вештината во комуницирањето. Овие вештини се учат и се од особена важност. А, „Зошто не ве слуша вашето дете?“, одговорот е едноставен.Детето не може да ве послуша ако постојано му повторувате. Зошто? Затоа што знае дека ако еднаш сте му кажале, тоа не реагира, но вие ќе му повторите, втор пат, па трет пат… Но, доколку му кажете само еднаш и тоа знае дека нема да му повторите, ќе му создадете навика да слуша внимателно и насочено. Вештината во комуницирањето е основа за квалитетни односи во семејството (јас би рекла и воопшто), базирани на взаемно разбирање и почитување.
Колку се спремни наставниците да ги прифатат новите генрации и начин на однесување на децата? Кој им е најголемиот проблем при комуникација со родителите?
– Не знам колку се подготвени наставниците да ги прифатат новите генерации и начинот на однесувањето кај децата. Најдобро е тие да одговорат на ова прашање. Со оглед на тоа дека самите велат оти немаат избор, не им останува ништо друго освен да ги прифатат. Токму прифаќањето нé води секогаш до промените кои сакаме да ги постигнеме,а тоа не води до изнаоѓање на нови и креативн решенија. Неприфаќањето води кон отпор и постојана борба за докажување. Тука нема простор за напредок. Новите генерации и новиот начин на однесување се сосема во согласност со промените и развојот на општественото живеење, кое го креиараме ние, возрасните. Префрлањето на вина и постојаното жалење за тоа какви биле претходните генерации („Какви бевме ние…“ „Во наше време ние игравме….“), а какви се денешните деца и млади, никого не го амнестира од одговорноста за тоа. Треба да сфатиме дека тие не станале такви сами од себе. Примерот по кој се моделираат првенствено го гледаат во семејството,а потоа и во пошироката формална и неформална заедница. Затоа треба да превземеме одговорност за своите постапки и да видиме што можеме да направиме денес за да имаме подобро утре. Само преку сопствен пример можеме да им покажеме на новите генерации дека се важни одговорноста, самостојноста, сопственото размислување и носење одлуки, критичкото размислување, соживотот, толеранцијата, истрајноста, кооперативноста, взаемно помагање и соработка… Преку сопствен пример треба да им покажеме колку се почитуваме едни со други. Токму од тоа (не)почитување се револтирани поголем број на наставници. Сметаат дека се (не)испочитувани од страна на родителите, а со тоа и учениците си прават што сакаат и земаат сила. Од друга страна пак, некои родители сметаат дека се (не)испочитувани од наставниците и тие прават што сакаат. Ете го јазот што се создава. Кога би немало мои и твои, тогаш сите би биле наши. Кога сите би работеле и би се залагале за нашиот заеднички интерес – одговорни и исполнителни деца- тогаш имаме прогрес и здрава заедница.
Б.М.