Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, упати јавна критика до министерката за образование, обвинувајќи ја за финансиска блокада на училиштата и загрозување на наставниот процес. Во објава на Фејсбук, тој постави прашање дали ваквите потези се резултат на свесна политичка стратегија насочена против локалните самоуправи предводени од политички противници.
„Министерката за образование за 2024 година ги остави вработените во двете основни училишта во Крушево без регрес (К-15), без средства за огрев, превоз на ученици и електрична енергија. И покрај неколкуте апели и писмени барања до Министерството за образование и финансии, состојбата не само што не се подобрува, туку и се влошува во 2025 година,“ пишува Христоски.
Тој посочи дека општината, и покрај ограничените ресурси, досега издвојувала средства за нормално функционирање на училиштата, покривајќи трошоци за греење, превоз и основни материјални потреби.
„До сега, преку Советот на општина Крушево, префрливме над 4 милиони денари за поддршка на училиштата. Не ги оставивме ниту учениците без греење, ниту наставниците без плати. Но, прашањето е – до кога? Министерството мора да ги исполни своите законски обврски!“, истакна Христоски.
Градоначалникот јавно ја повика министерката за образование да ги разгледа барањата и да обезбеди зголемена блок-дотација за училиштата во Крушево, со цел да не се доведе во ризик образовниот процес.
Останува да се види како ќе реагира Министерството на овие обвинувања и дали ќе има конкретен одговор на проблемите со финансирањето на образовните институции во општините.