Хрватска научничка си инјектирала вируси во ракот и резултатите се одлични

од Nikola Popovski
317 прегледи

Угледното научно списание „Nature“, како и бројни други медиуми, неодамна ја објави приказната за хрватската научничка Беата Халаси, која успешно го потиснала ракот на дојка со инјектирање на вирус што сама го одгледувала во лабораторија.

Беата Халаси, виролог од Универзитетот во Загреб, во 2020 година открила дека има рак на дојка од трета фаза на местото каде што претходно и биле отстранети градите поради тумор. Тоа беше второ враќање на ракот по мастектомијата на левата дојка, а притоа Халаси не сакала повторно да оди на хемотерапија.

Халаси ја проучувала литературата и решил да го лечи со т.н. онколитичка виротерапија (OVT), со користење на два вируса кои сè уште не ги поминале клиничките испитувања. Таа била свесна за ризикот од сериозни несакани ефекти, особено поврзани со вирусот на везикуларен стоматитис (VSV). Иако е познато дека овој тип на VSV предизвикува невротоксичност кај приматите, во овој случај таква појава не е забележана по интратуморна примена, пишува „Nature“.

Нова терапија во развој

OVT е иновативен пристап за третман кој користи вируси за да ги нападне клетките на ракот и да го активира имунолошкиот систем. Иако повеќето клинички испитувања се спроведени на пациенти со напредни стадиуми на рак, терапијата сега се истражува и за раните фази на болеста. Еден тип на OVT, наречен T-VEC, е одобрен во САД за третман на метастатски меланом, но во моментов не постојат средства одобрени за третман на рак на дојка.

Третман со два вируси

Халаси користела два вируса – вирусот на мали сипаници и вирусот на везикуларен стоматитис. Циклусот на терапија траел два месеци, при што таа директно инјектирала вируси во туморот.  Вирусите што таа ги користела не биле генетски модифицирани, туку подготвени во лабораторија. Онколозите го следеле третманот за да можат да интервенираат со конвенционална терапија во случај на компликации.

Голем успех

Третманот бил успешен – туморот значително се намалил, омекнал и се одвоил од кожата и мускулите, што овозможило негово успешно отстранување со операција. Халаси потоа завршила една година третман во согласност со протоколите за лекување на рак на дојка.

Пред овој експериментален третман, нејзиниот рак се враќал двапати локално во интервали од 22 и 21 месец. Спротивно на тоа, по терапијата со OVT, Халаси е во ремисија веќе 45 месеци. Анализата на туморот по отстранувањето покажало присуство на имунолошки лимфоцити, што сугерира дека терапијата предизвикала имунолошки одговор.

Халаси го објави својот случај во списанието „Virology“, што поттикна дискусии за етиката на независен експериментален третман, но исто така ја отвори вратата за понатамошно истражување на онколитичката виротерапија.

Слични содржини