Huawei Technologies, најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, ќе го објави својот прв смартфон за работа во 5G мрежи околу средината на следната година, објави Yicai Global, повикувајќи се на изјавата на ротационен претседател на компанијата Ху Хукун на Светскиот економски форум.

5G услугите ќе го направат стримингот на видео и други содржини речиси 40 пати побрз, во споредба со 4G, изјави Хукун за време на годишната средба на „Новите шампиони“. Менаџерот на Huawei верува дека до 2026 година, пазарот на 5G ќе достигне околу 131 милијарда долари.
Настанот, познат и како „Летен Давос форум“, беше отворен вчера во Тијанџин, Северна Кина. Меѓу другите прашања, на форумот се разговараше за кинеските 5G мрежи, кои ќе бидат пуштени следната година, регулаторните бариери за ширење на технологијата и комерцијална вредност за потрошувачите.
5G несомнено ќе биде побезбедна технологија од 4G, рече Ху, додавајќи дека поради огромната количина на податоци кои ќе бидат пренесени, 5G користи 256-битна енкрипција, во споредба со 128-битната при 4G.
Huawei веќе воведува технологија за заштита на податоците во своите 5G уреди. Според зборовите на Ху Хукун, компанијата склучила договори со повеќе од 50 деловни партнери од целиот свет, откако 5G стандардите беа ратификувани во јуни оваа година.