Општина Карпош организира хуманитарна акција за 30 најранливи домаќинства. Како резултат на кризната ситуација со Ковид – 19, локалната самоуправа ќе обезбеди прехранбени продукти и средства за хигиена за најпогодените.
Активноста ќе се спроведе во соработка со Црвениот крст, чии волонтери ќе ги подготват социјалните пакети, кои ќе бидат набавени со буџетски средства на Општината.
– Помагавме за време на природни непогоди на нашите соседни земји, помагаме за лекување на наши сограѓани, а сега треба да се справиме со еден од најсериозните вируси во поновата историја.Ковид – 19 го погоди целото општество. Но, корона вирусот не обедини сите, во општествена акција, секој да преземе мерки и активности, изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев во неговото видео-обраќање.
Тој истакна дека Карпош традиционално организира хуманитарна акција пред велигденските празници. Но, како што нагласи, како резултат на пандемијата со корона вирус и избегнување на директен контакт меѓу граѓаните, при донирање на продукти, оваа година акцијата ќе се реализира на посочениот начин.
– Акцентот ќе биде ставен на социјално – најзагрозените граѓани, кои впрочем се погодени и од корона вирусот, рече Богоев. Градоначалникот упати апел сите граѓани да се придржуваат до мерките за заштита од корона вирус и да ги почитуваат препораките од надлежните институции.