Хутите продолжуваат со нападите: „Со текот на израелската војна против Хамас, Иран ќе продолжи да предизвикува дополнителни тензии низ регионот преку своите прокси групи“

од Nikola Popovski
383 прегледи

Околу 12% од глобалната поморска трговија минува низ Црвеното Море, како и 40% од трговијата помеѓу Европа и Азија. Тоа се значајни бројки. Нестабилноста во регионот и серијата на напади од страна на Хутите претставуваат сериозна закана за глобалната и европската економија, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот за надворешна политика Ненад Јурдана околу тензиите кај Црвеното Море и нападите меѓу САД и бунтовничките Хути.

Како што истакнува Јурдана, бројката на поморскиот сообраќај во Црвеното Море е преполовена споредувајќи ја со ноември 2023, што се рефлектира и во најновите статистики за извоз и увоз на ЕУ, каде што се бележи пад од 2-3%.

Соговорникот е дециден дека е невозможно е да нападнете американски воени бродови со балистички ракети и дронови, а притоа да се очекува да нема никаква реакција од страна на САД.

 

Ненад Јурдана

-Освен тоа, Хутите сè повеќе ги таргетираат комерцијалните бродови што минуваат низ Црвеното Море и на тој начин ја нарушуваат глобална поморска трговија и слободата на пловидба. Во поглед на ново воспоставената поморска коалиција “Prosperity Guardian” предовена од САД, Европската Унија размислува за сопствена поморска операција со цел да се заштитат комерцијалните бродови во Црвеното море. За разлика од САД и Обединетото Кралство кои веќе реагираа, се чини дека ЕУ заостанува, оценува Јурдана.

Може да се каже дека има само една сила во регионот која ги поседува капацитетите и има интерес од овој тек на настаните, посочува аналитичарот, а тоа е Иран. Според него, Хутите се дел од констелацијата на прокси групи на Иран во регионот, и со години се директно поддржувани од Техеран – на воен, политички и економски план.

-Со оглед на текот на израелската војна против Хамас, Иран ќе продолжи да предизвикува дополнителни тензии низ регионот преку своите прокси групи – Хезболах на северот од Израел, и Хутите на југот, во Црвеното Море. Притоа, несомнено е дека освен кон Украина сите очи на глобалните сили се вперени кон Блискиот Исток, анализира Јурдана.

ZUMA / SPLASHNEWS.COM / SPLASH / PROFIMEDIA, APFOOTAGE / ALAMY / ALAMY / PROFIMEDIA, U.S. NAVY / ZUMA PRESS / PROFIMEDIA

Американската војска денеска соопшти дека уште еден проектил истрелан од јеменските бунтовници бил пресретнат во јужниот дел на Црвеното Море.

Бунтовниците во неделата околу 16:45 часот по локално време истрелаа противбродска крстосувачка ракета врз разурнувач на американската морнарица, соопшти регионалната команда на американската војска на социјалната мрежа X рано во понеделникот. Ракетата била пресретната од американските воздухопловни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худеид. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас, Хутите поддржани од Иран постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море. Големите бродски компании се повеќе ја избегнуваат оваа рута. САД и Обединетото Кралство неодамна ги нападнаа позициите на групата во Јемен, со поддршка од Холандија, Канада, Австралија и Бахреин.

Претходно во неделата, шефот на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала, рече дека неодамнешните американски напади против Хутите во Јемен ќе му наштетат на глобалното поморство во Црвеното Море. „Неодамнешната агресија врз Јемен претставува американско-британска глупост и американска недоследност“, кажа Насрала во телевизиско обраќање. „Истовремено кога Американците повикуваат војната да не се шири, тие ја прошируваат. Тоа што Американците го направија во Црвеното Море би му наштетило на меѓународниот бродарство во целина“, додаде тој.

Од избувнувањето на војната во Газа на 7 октомври, бунтовниците Хути, кои контролираат големи делови од Јемен, постојано го напаѓаа Израел со беспилотни летала и проектили. Неодамна, тие често напаѓаат бродови во Црвеното Море – еден од најважните морски патишта за светската трговија што води до Суецкиот канал. Насралах рече дека Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат израелските бродови или оние што се упатуваат кон израелските пристаништа.

Н.П.

Слични содржини