Бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, денеска објавија дека сите американски и британски интереси станале „легитимни цели“ откако во петокот вечерта беа нападнати од САД и нивните сојузници.
„Сите американски и британски интереси станаа легитимни цели за јеменските вооружени сили како одговор на нивната директна и јавно објавена агресија против Јемен“, објави Високиот политички совет на Хутите, пренесе новинската агенција Саба.
Советот предупредува дека американско-британските напади нема да останат неказнети.
Нападот бил поддржан од Холандија, Канада, Бахреин и Австралија.
„Американците и Британците треба да знаат дека нашите храбри вооружени сили нема да ги остават неказнети. Радоста на агресорите нема да трае долго“, се вели во соопштението на Советот.
Бунтовниците, кои контролираат големи делови од Јемен и ги поддржуваат Палестинците во Газа, ги напаѓаа трговските бродови во Црвеното Море во последните недели за да ги спречат да стигнат до Израел.
Американски и британски авиони, бродови и подморници нападнаа цели во Јемен во петокот вечерта како одмазда за нападите на Хутите врз бродови во Црвеното Море, што го прошири регионалниот конфликт предизвикан од израелската војна во Газа.
Хутите објавија дека пет борци се убиени во вкупно 73 воздушни напади и ветија дека ќе се одмаздат и ќе продолжат со нападите врз бродовите за поддршка на Палестинците во борбата против Израел во палестинската енклава.