Дојче Веле – Берлин
Првпат на удар на талибанците не беа војниците, туку дипломатите. Според многу работи, нападот врз Генералниот конзулат на Германија во Авганистан означува пресврт во досегашната стратегија на талибаните, смета во својот коментар Флоријан Вајганд.

Зошто Германците и зошто дипломатите – значи цивили, а не војници? На тоа прашање по нападот на Генералниот конзулат на Германија во Мазар-и-Шарифа одговорија самите талибанци: причината била нападот на американската авијација на едно место во близина на Кундуза, на почетокот на ноември, при што беа убиени над 30 цивили.
Иако американските авиони фрлаа бомби, својата цел ја најдоа благодарение на „информациите од германските војници”, како што изјави еден портпарол на исламистите. Секако, тоа може да биде и чиста пропаганда. Но, ако е точно тоа што го тврдат талибанците, тогаш во Германија може да настанат дискусии.
Германските војници еднаш праќаа информации на американските единици, исто така со фатални последици. Во септември 2009 година, полковникот на Бундесверот Георг Клајн ги насочи американските бомбардери на еден камион-цистерна што ја земаа талибанците. Околу камионот се собраа жители на село во близина. Камионот беше рекетиран, а загинаа околу сто цивили. Меѓу нив имаше и деца.
Нападот од пред неколку дена на едно друго село во близина на Кундуз, има многу поинаков карактер. Талибанците очигледно се утврдиле во куќите, а можно е и да ги искористиле нивните станари како жив штит. Но, и тука загинаа 30 луѓе и повторно меѓу нив имаше жени и деца, па и бебиња.
Дипломатите како соборци
Останува да се види дали тие важни разлики ќе имаат значење во јавниот дискурс. Жртвите на одмаздничките акции за прв пат се цивили, а не војници. Талибанците за својата одмазда го одбраа токму германското дипломатско претставништво.
Мораме да констатираме дека често посочуваните разлики меѓу војниците и цивилите како цел на нападите, повеќе ги нема. Дипломатите, како претставници на една држава на НАТО, важат како соборци на непријателот. Само поради храбрата реакција на чуварите и војниците и со многу среќа, не му се случи ништо на ниту еден дипломат
И тоа отвара нови прашања: Берлин ќе мора добро да размисли за тоа како ќе го продолжи својот ангажман. Кој може да тврди дека идниот пат нема да бидат нападнати германските организации за развојна помош?
Мора да биде поставено уште едно, последно прашање: Мазар до сега важеше за еден од најбезбедните региони во Авганистан и како место во кое можеа да бидат враќани авганистанските бегалци, кои не добиле дозвола за престој во Германија. Германија многу направи тој град повторно да стане место вредно за живеење. Изградени се болници и училишта, соработката со локалниот гувернер е одлична, а во полскиот камп на аеродромот се уште се стационирани германските војници.
Жртви на нападот од минатата недела беа Авганистанци. Околу сто луѓе беа повредни. Имале несреќа што се нашле во една жива улица во центарот на градот.
Ако веќе стоењето под сенка до едно германско претставништво е опасно по живот, тогаш што воопшто е безбедно?/МИА