И Џафери ќе поднесе оставка доколку ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставните измени

од Nikola Popovski
309 прегледи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се поистоветува со писмото на лидерот на ДУИ, Али Ахмети со условените оставки од министрите и функционерите од оваа партија. Порачува дека би се повлекол и тој доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени.

Следствено ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам, изјавил Џафери во интервју за МИА.

Запрашан дали тој се согласува со ваквото делување на ДУИ и дали ќе го следи на некој начин, вели дека ако е во полза на идејата би ја следел оваа одлука.

Во принцип ако сте дел од некоја организација ако има можности ќе си го кажете мислењето и на крај ако има одлука, доколку сакате да продолжите да сте дел од организацијата ќе ја испочитувате одлуката која што е донесена во спротивно треба да решите да одите од субјектот , истакнува Џафери.

Министрите во Владата од ДУИ поднесоа оставки, кои ќе стапат на сила откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа измените на Уставот.

„Министрите и државните службеници од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од претходните функции. Оставките, господине премиере, автоматски стапуваат во сила во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени“, стои во писмото на Ахмети, испратено до премиерот Димитар Ковачевски.

Оваа одлука вчера ја соопшти и министерот за надворешни работи и заменик-претседател на ДУИ, Бујар Османи.

Собраниската Комисија за уставни амандмани на 25-ти јули донесе одлука за започнување на постапката за уставни измени. За нивно усвојување потребно е двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат и 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во 120-члениот парламент. Измените предвидуваат вклучување на Бугарите во Уставот, што е главен услов на Софија за Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Слични содржини