Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ги прими родителите и членовите на семејствата на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“. Ги увери дека никој нема да биде поштеден во истрагата и уште еднаш потенцира дека таа не е завршена.
На забелешка на дел од присутните, Тошковски вели дека чувствува морална одговорност.
-И јас сум немал доверба. И јас сум бесен и гневен. И мојата душа плаче и моите деца плачеа, кажа министерот и сподели со јавноста дека таткото на починатиот полицаец во трагедијата, го видел дека е присутен на погребот на неговиот сим и побарал да го донесат до него за да му каже неколку зборови.
-Ми рече: министер ве пратам од првиот момент кога се нафативте со позицијата, ве гледам како се борите и како се кршите во моментот. Сакам да ви упатам порака да продолжите во борбата и да го истeрате ова до крај, немој да се повлекувате. Ова се негови зборови….Затоа не си поднесов оставка, сподели Тошковски и рече дека ќе ги ислуша сите родители што се дојдени и што имаат да кажат нешто.
Министерот ги смируваше членовите на семејствата на настраданите и се извинуваше што не може да ги сподели сите детали за истрагата во моментов. Најави дека такво нешто ќе биде возможно за два месеци кога ќе заврши истрагата и вети дека ќе го стори тоа.
По неколкуминутен разговор пред новинарите и камерите, родителите се согласија да го продолжат разговорот со Тошковски, но без присуство на медиуми.