И покрај барањето на Антикорупциска, Пендаровски го потпиша указот за Законот за изградба на автопати

од Берта Китинска

Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.

-Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против.Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, денеска информираше дека Државната комисија за спречување на корупцијата своето мислење по однос на Предлог – законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10 Д во Република Северна Македонија, требало денеска да го достави до претседателот на Собранието, но вчера законот е донесен во скратена постапка од стана на пратениците и затоа ќе биде упатено до шефот на државата Стево Пендаровски и понатаму до надлежните институции.

Според антикорупциска овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.

– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава, рече Ивановска.

Слични содржини