Премиерот Зоран Заев иако чувствува горчина по ветото од соседна Бугарија, се уште гледа надеж дека час поскоро треба да се решат проблемите, но не по секоја цена.
Македонскиот јазик и идентитет се заштитени како никогаш порано
Премиерот Зоран Заев, во гостување во емисијата „Топ тема” на ТВ Телма, рече дека јазикот и идентетот постигнале најдобра афирмација преку преговорите со Бугарија.
– Ние мораме да грабиме напред и тоа како Македонци со македонски јазик, и тоа го правиме. Ние денес сме Македонци кои зборат македонски јазик и сме членка на НАТО. Ќе бидеме утре Европејци, земјата ќе ни биде членка на ЕУ и ќе бидеме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и таа цел ја постигаме, за разлика од сите претходни 27 години кога не сме ја постигнале. Во тоа време кога не сме ги постигнале тие цели, под голем прашалник беа нашиот идентитет и нашиот јазик, отколку сега кога ги исполнуваме целите, нагласи Заев.
Според него, откако започнале решавањата на несогласувањата со соседите, нашиот јазик и идентитет доживуваат афирмација, како никогаш порано.
Држиме европски лекции
„Држиме европски лекции од кандидатскиот Западен Балкан, во време кога Европа не е баш толку европска, со сите тие блокади на буџет, одредени национализми, слушаме дека во правосудство на одредени земји нешто се занемарува… И сега ги собрав сите награди низ Европа, тоа е нашиот македонскиот народ, нашата политика ги собра, не е тоа само Заев и на крајот Европа треба да испорача европски вредности, европски пример и затоа горчината ни доаѓа. Ако сме за членство во ЕУ заради нас, а не само за да бидеме членки во ЕУ ние мора да продолжиме по тој пат. Еве сега блокадите ќе продолжат, и догодина ќе продолжат и потоа уште една година, па Србија ќе влезе, па може Србија ќе ни замери нешто за црквата МПЦ. Ние треба час поскоро да ги решаваме работите, секако не по секоја цена.“- изјави премиерот.
Бучковски понуди нон-пејпер во Бугарија
„Отсекогаш мислам дека на масата на преговорите можат да бидат најдени решенија. Тековните и следните генерации нема да ни простат ниту на Бугарија, ниту пак Република Северна Македонија што не сме нашле компромис да се отвори перспектива “ изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на неговиот состанок денеска со специјајалниот пратеник на македонската влада, Владо Бучковски.
Со цел да се најде одржливо и трајно решение за преостанатите отворени прашања во билатералните односи, според премиерот, неопходен е прагматичен, искрен и добронамерен пристап изразен во конкретни активности.
Maкедонија нуди нон-пејпер на Бугарија со цел да се надмине спорот и да се отстрани блокадата.
Специјалниот преставник на Владата, Владо Бучковски во разговорот со бугарскиот премиер, Бојко Борисов кој е јавно објавен, кажува дека носи нон-пејпер како гаранции дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и нема да се меша во прашањето за малцинствата.
„Скратеното име на нашата земја Република Северна Македонија е Северна Македонија и тоа не значи територијални претензии кон Бугарија. Како што стои и во Договорот, ние не се мешаме во внатрешните работи и тоа ќе го почитуваме“, вели Бучковски.
Ни со Заев ни со Пендаровски никогаш не сме разговарале за идентитет или за јазик
Борисов на почетокот се осврнува на улогата на Бугарија во поддршката на Западен Балкан за членство во ЕУ, особено кога претседаваше со Унијата. Борисов посебно потенцира дека тогаш е постигнат и Договорот за добрососедство, а е направена и првата средба на премиерот Заев и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во Софија.
Осврнувајќи се на сегашната ситуација, Борисов вели дека во последнава половина година дошло до нарушување на односите меѓу двете земји, при што како можна причина тој ги наведува предвремените парламентарни избори кај нас, нивните внатрешни проблеми, но и пандемијата која, како што рече, ги промени односите во светот. Тука тој истакнува дека ако не се даде перспектива и ако останеме заробени во минатото, сегашните и идните поколенија нема да им простат ако не се најде политичка волја, толеранција и разбирање. Тој признава дека историјата е многу важна и токму поради тоа за неа разговараат историчарите на С Македонија и на Бугарија, за да најдат балансирано решение.
Во овој дел Борисов јасно кажува дека С Македонија како суверена држава може да решава на каков јазик ќе говори и објаснуваа дека тие во Бугарија решиле да говорат на бугарски јазик и дека никој никому не може да му го наложи тоа.
„Не сме помислиле да налагаме. Посебно ќе кажам за мене“,вели Борисов.
Тој истакнува дека во сите разговори, и со премиерот Заев и со претседателот Пендаровски, никогаш не била отворена темата за јазикот бидејќи, како што вели, кога си во ЕУ, кој како зборува, каде живее, нема никакво значење.
Со Заев нема европска иднина
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во „Студио 10“ на ТВ 24 порача дека со Зоран Заев нема европска иднина. Според него, Заев нѐ довел до ситуација помеѓу асимилација или интеграција и затоа треба да си замине од власта.
„Ако некој континуирано ги поместува нашите преговарачки позиции, а ние постојано губиме и се доведеме до самиот амбис и да се доведеме до ситуација дали асимилација или интеграција, тогаш прашањето е дали тој човек или тие политичари воопшто имаат кредибилитет и понатаму да продолжат да преговараат затоа што презеле концесија“, истакна Мицкоски.