Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информираше дека уапсените полициски службеници од пасошката контрола издавале вакви лажни пасоши и пред 2017 година.
Во однос на едното лице, кое е во бегство, а кое било посредник во издавањето на пасошите со туѓ идентите, Спасовски посочи дека тоа денеска не било пронајдено во својот дом и дека по него се трага.
„Лицата кои биле под истрага во изминатите две години и кои работеле во МВР, биле на своите работни позиции“, дополни министерот за внатрешни работи.
Одбивајки во интерес на истрагата сега да открива детали Спасовски како пример го наведе Горан Грујовски поранешен вработен во УБК кој од земјата е избеган во Грција со пасош со лажен идентитет на непостоечко лице Владимир Варелов. Спасовски вети наскоро прес конференција со сите детали на овој криминал.