И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ славеа победа, големи пресврти во албанскиот блок

од Vladimir Zorba
62 прегледи

 

ВМРО-ДПМНЕ со мала разлика освои повеќе гласови од СДСМ, но ДИК не го соопшти распоредот на пратеници. И двете партии синоќа, прогласија победи и излегоа на улиците во центарот на Скопје за да слават. Граѓанската асоцијација МОСТ,  соопшти дека е рано да се процени кој победи на предвремените парламентарни избори. Најголемото изненадување се случи во албанскиот блок, каде е забележано големо намалување на бројот на пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ освои околу 15.000 гласови повеќе од СДСМ на предвремените парламентарни избори, покажуваат првичните резултати, информира три часа по полноќ претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

https://www.facebook.com/RSEMK/videos/10154416858118725/

Тој  не излезе со бројка на освоени пратенички мандати за партиите. Најави дека во текот на денов, по обработка на податоците, ДИК ќе излезе со конечни резултати и распоред на пратеничките мандати.

Претходно од ДИК оценија дека изборниот ден бил успешен и поминал беспрекорно.
„Падна режим со пенкало„, со глас, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обраќајќи им се на насобраните поддржувачи пред Владата на Македонија.

„Почитувани граѓани радувајте се, славете го животот, падна режим, падна режим. Навистина се историски моменти, покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат во оваа наша мултиетничка Македонија, дека Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, единствена, слободна земја“, рече тој.

Заев рече дека, според нивните нецелосни податоци, СДСМ и коалицијата имаат еден мандат повеќе.

https://www.facebook.com/RSEMK/videos/10154416158188725/

Симпатизерите на СДСМ извикуваа „Победа“ и „Шутка не ти бега Никола“, а се веселеа и на песната „Пада влада“ од Бајага.

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференција во партиското седиште во Скопје, рече дека од скоро 89 отсто обработени гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоиле 434 илјади гласови, додека СДСМ освоил 415 илјади. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ е победник на овие избори, рече тој.

„Денес победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но победи и Република Македонија“, рече тој прогласувајќи ја десетата победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш ќе бидат со народот.

„Како и да се свртат работите, што и да се случува, ова го кажуваме и пред, а сакам да го кажеме и после избори, дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и секогаш ќе остане на линијата на државните и национални интереси на Република Македонија и во корист на народот, на граѓаните на Република Македонија“, рече  Груевски.

https://www.facebook.com/RSEMK/videos/10154416408873725/

Тој рече дека оваа победа има посебна тежина, особено кога ќе се погледне низ што сè помина партијата и државата во изминативе две и пол години. Според Груевски, ВМРО-ДПМНЕ ја има константната поддршка од граѓаните, додека СДСМ добил значителна поддршка кај албанскиот електорат.

 

Изненадувањето се случи во албанскиот блок, каде е забележано големо намалување на бројот на пратениците.

ДУИ победи на изборите, но Албанците изгубија мандати, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој сепак се радува што изборите поминале без проблеми, што според него, значи дека земјава оствари голем напредок и зрелост околу организирањето на слободни избори.

„Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците во прв ред, и не ме радува победата на ДУИ. ДУИ ќе остане одлучна во правец на одбрана на нејзината доктрина, која ја претстави пред Албанците во земјава“, изјави Ахмети.

Втора партија кај Албанците според освоените мандати е Беса, потоа следува Алијанса за Албанците, а четврта е ДПА.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи изјави дека целосно ја презема одговорноста за изборниот резултат на ДПА. Но, сепак во тоа има и една голема победа – конечно ДУИ ги загуби катастрофално изборите кај Албанците, рече Тачи.

Граѓанската асоцијација МОСТ ги обработи сите избирачки места, но поради тоа што резултатот е премногу тесен не направи симулација на распределбата на пратеничките мандати. Дополнително, на распределбата на мандатите може да влијае и евентуалното прегласување поради забележаните нерегуларности.

„МОСТ заклучува дека двете водечки партии, по бројот на освоени гласови, се преблиску една до друга и оваа разлика во распределбата на мандати, во зависност од маргината на грешка којашто е изразена по секоја од изборните единици, влијае на тоа кој ќе освои најмногу мандати“, рече Дарко Алексов од МОСТ

МОСТ претходно информираа дека според информациите кои ги имаат од набљудувачите и регионалните канцеларии забележани се неколку неправилности на гласачките места како што се непочитување на постапката на гласање, фотографирање на гласачко ливче и поткуп и агитација./извор РСЕ