И со пет кошнички граѓаните нема да живеат подобро

Според податоците од синдикалната минимална кошница која за септември 2025 година изнесува 65.077 денари, на едно четиричлено семејство месечно само за храна троши една минимална плата, односно 23.394 денари.

од Vladimir Zorba
47 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Канал 5

Владината кошничка се уште е само ветување. И покрај тоа што подолго време се најувуваше и доживеа низа модификации, односно наместо на четричлено ќе се пресметуваше за тричлено семејство, без цигари, алкохол и несезонско овошје. Потоа, од Владата најавија дека ќе се пресметуваат посебни потрошувачки кошници за самци, млади брачни парови, семејства со три члена, со четри члена и за пензионери.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека бројот на кошнички нема да го реши проблемот со високите цени на храната. Според податоците од синдикалната минимална кошница која за септември 2025 година изнесува 65.077 денари, на едно четиричлено семејство месечно само за храна троши една минимална плата, односно 23.394 денари.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/МРТ

-Сметките за струја, вода, парно, одржување на згради…за стан од 50 метри квадратни се исти без разлика дали во него живее млад брачен пар, пензионери или семејство. Наместо да се пресметуваат посебни потрошувачки кошници од Владата треба да пресметаат дали исто се платени младите, мажите жените, возрасните…Сметаме дека како што не треба да се прави разлики во платите по пол, старост…, така не треба да се прават разлики и во потрошувачките кошници. Платата за едно работно место е иста. Целта на потрошувачката кошница која е статистичка операција и чии репер е четричлено семејство е да покаже со колку не може да се живее, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.

Според него, нашата цел е да покажеме дека не може да се живее под 65.077 денари месечно.

-Никој не може да не убеди дека со 5 кошнички ќе живееме подобро. Цените се тие и платите треба да се зголемат. Податоците покажуваат дека 73 отсто од вкупниот број вработени се под просечната плата. Од друга страна младите неможе да си дозволат да купат стан, да плаќаат кредит или кирија, бидејќи според пресметките доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 21.471 денар, додава Пешевски.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Сојуз на синдикатите на Македонија

Според истражувањето кое ССМ го направи изминатиот период го потврди ставот дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесува за затварање на компаниите и не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании наспроти тезата и манипулациите од газдите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работни места.

Ова го потврдуваат и податоците од Централниот регистар според кои во 2022 година, кога минималната плата се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, имаше 7.062 новоосновани фирми, а избришани или затворени 5.694. Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372. Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени.

Б.С.