Утринава, се огласи екипата на Шкендија која испрати соопштение во кое вели дека нема да учествува на претстојните Собранија, на ОФС Тетово и Изборното Собрание на ФФМ.
Покрај нив, попладнево и ФК Тетекст објави на социјалните мрежи дека ќе се приклучи на Шкендија и нема да учествува во кршењето на Статутот од страна на ФФМ.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост соопштението од Тетекс:
„Сакаме да ја информираме целокупната јавност дека ФК Тетекс 1953 нема да учествува на Собранието на ОФС Тетово на 18.02.2021, а со тоа ниту на собранието на ФФМ на 14.03.2021 година. Немаме ништо против никого во овие две фудбалски организации, но време е клубовите да бидат тие кои ќе одлучуваат во фудбалот. ФК Тетекс 1953 нема да поддржат изборен процес според Статут кој е спротивен на Законот за спорт, без разлика кои ќе бидат кандидатите и кој ќе биде избран за претседател и други тела на овие две фудбалски организации. Според овој модел клубовите и оние кои инвестираат големи суми на пари во фудбалот се ставени во втор план и немаат можност да одлучуваат кој да го води фудбалот во Македонија.
Предлагаме изборот на нов претседател и органи на ОФС Тетово и ФФМ да се случи после усогласувањето на Статутот со Законот за спорт, како и комплетна реорганизација на Општинските фудбалски сојузи. Со ваква поставеност клубовите од Прва и Втора лига, каде се вложуваат најголеми средства се ставаат во позиција да бидат надгласувани од фудбалси анонимуси, а ОФС да предлага нефудбалски луѓе во органите и телата на ФФМ. Во овој момент ни се случува клубови кои вложуваат средства кои се изразени со шест и седум цирфи во евра, да бидат надгласувани од анонимуси и од фантом клубови кои се формираат само за да имаат претставник во собранието на ОФС.
Откако ќе се случи усогласувањето со Законот за спорт кое треба да се случи веднаш, да се организираат Собранија на ОФС и ФФМ и да се изберат Претседатели според Законот за спорт, а ФК Тетекс 1953 ќе го поддржи нивниот избор без оглед за кого ќе станува збор.
Со почит, ФК Тетекс 1953 – Тетово“, се вели во соопштението.