Најголемата опозициска партија СДСМ упати низа обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски по денешната прес-конференција со неговиот косовски колега, Албин Курти. СДСМ го вперува прстот во премиерот дека „влезе во улога на полицаец и обезбедувач кој во иднина ќе ja спроведувал лично претседателката на Косово Вјоса Османи, да се избегнеле скандали“.
-Дали ова значи дека во иднина тој лично ќе ѝ гарантира дека не треба да ги помине и почитува пропишаните процедурите? Каква е оваа порака на непочитување кон професионалците од МВР и аеродромот кои доследно ги спроведувале процедурите, прашаа од СДСМ, нарекувајќи го Мицкоски „султан“.
СДСМ појаснува и дека во времето додека беа на власт, се случиле слични барања од страна на Вјоса Османи да ги прескокне безбедносните протоколи.
-Јавноста треба да знае дека при иста идентична ситуација во времето на СДСМ и барање на косовската Претседателка да помине надвор од пропишаните процедури, јасно и било кажано како треба тоа да го стори и токму на тој начин се спровела проверката.
Тогаш немало пиштолџии кои доаѓале на аеродромот да му се закануваат на обезбедувањето кое професионално ги спровело процедурите. Тогаш немало јавување по телефони и политичко влијание од страна ниеден политичар и затоа немало ниту скандал, додаваат од партијата на Венко Филипче.
МВР денеска најави кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник кој предизвика инцидент на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Како што соопштуваат од МВР, пријавениот С.С. на ден 01.08.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.
Курти рече дека инцидентот со Османи што се случи на аеродромот во Скопје не го гледа како провокација од страна на македонските власти.
„Министерството за надворешни работи излезе со своето соопштение во кое е претставен ставот на Владата, а го видовме и ставот на МНР на Македонија. Верувам дека треба да се стремиме кон вистината и да ја залечиме тензијата. Нека се расветли случајот, тоа го прават надлежните органи. Јас и Мицкоски не сме цариници, ниту полицајци, ниту инспектори“, рече Курти на прес-конференцијата, додавајќи дека тоа било тешко искуство за косовската претседателка.