Терористите на Исламска држава потврдија дека лидерот Абу Бакр ал-Багдади е мртов, јави телевизискиот канал Al Sumaria , повикувајќи се на извор од ирачката провинција Ниневех, пренесе Спутник.

Според тој извор, терористите на ИД издадоа кратко соопштение во кое се јавува за смртта на ал-Багдади и дека имаат нов калиф, но неговото име не се објавува.
На 16 јуни, Министерството за одбрана на Русија објави дека најверојатно ал-Багдади е елиминиран како резултат на напад на руските воздушни сили, врз командното место во јужното предградие на Рака, кон крајот на мај. Исто така, соопштија и дека се обидуваат да ја потврдат информацијата користејќи повеќе канали.
На 23 јуни, американскиот полковник Рајан Дилон рече дека САД нема доволно докази за смртта на ал-Багдади. Сепак, САД со задоволство ќе ја прифати веста за смртта на ал-Багдади, но дека немаат дефинитивен доказ за тоа“.
На 29 јуни, рускиот пратеник Алексеј Пушков, за Спутник изјави дека информацијата за смртта на ал-Багдади во напад на руските воздушни сили е 100 отсто сигурна. Тој рече дека инфромацијата е повеќекратно потврдена, затоа што неколкумина силно се борат за лидерското место во Исламска држава.
Ал-Багдади прв пат се појави во медиумите во 2014 година кога објави креирање калифат на Блискиот Исток. Од тогаш, медиумите неколкупати јавуваа за неговата смрт, но таа никогаш не беше потврдена.