Грчката полиција идентификувала уште шест лица од групата која кон крајот на април годинава упадна во уметничка галерија во Солун каде што беше поставена изложбата на македонскиот сликар Сергеј Андреевски.
Како што информираат, идентификувани се пет мажи и една жена, сите грчки државјани на возраст од 20 до 44 години.
Против нив е покренат предмет за противзаконито насилство, кривично дело со расистички карактеристики и за поттикнување на извршување кривични дела, дела на насилство или раздор против лице врз основа на национално потекло.
„Петмина од горенаведените, заедно со пет веќе идентификувани лица и уште тројца соучесници, дејствувајќи како група со обединети сили, ментална поврзаност и националистички мотиви и со скриени лични карактеристики, упаднаа со закачување печатен материјал и повикувајќи го уметникот да ја прекине изложбата“, појаснуваат од грчката полиција.
Полицајците од Одделот за борба со расистичкото насилство на грчката полиција во Солун, на почетокот на мај идентификуваа пет лица, кои биле вклучени во упадот во галеријата.
Како што објави на 26-ти април грчката телевизија ЕРТ, повеќе маскирани лица со фантомки на главата, влегле во галеријата Ремецо, го натерале сликарот да ги тргне уметничките и му рекле дека не смее да ги презентира.