Воскопулос: Безбедноста на секој Македонец е во опасност кога ќе се најде на место каде што живеат членови на „Златна зора“

од Nikola Popovski

Има секако Грци демократи што го осудуваат инцидентот и реагираат соодветно, но и недемократи кои ќутат за тоа што се случи, вели во разговор за „Локално“, членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, Павле Воскопулос Филипов за упадот на маскирани членови и симпатизери на „Златна зора“ и прекинот на изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Солун.

Воскопулос информира дека веста не е „прва тема“ во грчкиот политички етер, бидејки почна предизборниот период во Грција.

-Реагираше и владиниот портпарол на привремената грчка влада и го осуди овај акт против македонскиот уметник, истакнува членот на „Виножито“.

Според него, безбедноста на секој Македонец од Македонија е во опасност кога ќе се најде на место каде што живеат или делуваат Грци недемократи, особено членови или пријатели на „Златна Зора“.

-Секако не е лесно македонски државјанин да знае кој е вистински демократ или националист Грк и член на Златна Зора, вели Воскопулос и додава дека грчките институции делумно го имаат променето својот став во однос на Македонија.

-На пример, во Атина и меѓу владините државни органи, се говори за Северна Македонија. Во локалната самоуправа, особено во делот на Северна Грција, се уште ќе слушнеш и ќе прочиташ за „Скопје” и „Скопјани“. Слично е и кај поголемите медиуми. Некои имаат прифатено да ја викат државата Северна Македонија, а некој не, информира Воскопулос.

Потенцира дека слично е и околу македонските граѓани.

-Почесто ќе слушнеш за „Скопјани“ и соодветно на тоа, така и се пишува. Многу многу тешко ќе слушнеш или ќе прочиташ дека станува збор за Македонец уметник од Северна Македонија, оценува соговорникот.

Упадот на членови на „Златна Зора“ на изложбата на уметникот Сергеј Андреевски

Портпаролот на грчката Влада вчера го осуди инцидентот во Солун и порача дека Грција нама да „толерира беззаконие и заплашување на граѓаните“.

-Не постои никаква толеранција за т.н. правоени нацистички групи, никаква толранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на грѓаните, изјави портпаролот на грчката Влада Акис Скерцос.

Во објавеното видео на „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

Н.П.

Слични содржини