Игор Стрелков, некогаш близок човек на Путин, осуден на четири години затвор

од Stefanija Kuzmanovska
350 прегледи

Градскиот суд во Москва денеска го осуди поранешниот водач на украинските бунтовници Игор Гиркин на четири години затвор поради екстремизам.

Гиркин, кој исто така го користи и военото име Игор Стрелков, беше најистакнатиот водач на руските сепаратисти во украинската област Доњецк од почетокот на бунтот во 2014 година, пренесува АП.

Тој се врати во Русија и стана националистички коментатор и активист. Го поддржа започнувањето на руската војна во Украина, но остро ги критикуваше властите за нивната неспособност и неодлучност во водењето на борбата.

Гиркин, кој претходно јавно ги кажа своите планови да се кандидира за претстојните претседателски избори во Русија, беше приведен во јули минатата година.

Поранешниот офицер на руската безбедносна служба ФСБ и воен командант Гиркин, кој ѝ помогна на Русија да го анектира Крим во 2014 година,  е обвинет од украинските власти и западните групи за човекови права за извршување воени злосторства.

Дополнително, Гиркин беше осуден во отсуство од холандскиот суд на доживотен затвор во 2022 година за неговата наводна улога во соборувањето на летот на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година, што тој го негираше.

Слични содржини