ИЈЗ: Хоспитализирани уште четири деца со голема кашлица

од Stefanija Kuzmanovska
239 прегледи

Во периодот од 16 до 22 февруари, пријавени се 28 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, а пријавени се случаи и во Тетово, Куманово и во Струга. Од новите 28 случаи, четири случаи се хоспитализирани. Станува збор за три деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен вечерва.

Возраста на заболените се движи до 47 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца под една година и од 10 до 14 години.

Годинава во ИЈЗ се регистрирани вкупно 67 случаи на голема кашлица, со инциденца од 3,6/100 000 жители.

По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – во девет различни општини, пет лица се од Тетово, четири лица живеат во Куманово, во Гостивар – две и едно во Струга.

„Заболените лица се на возраст од еден месец до 47 години. Најголем број заболени се деца на возраст до четири години, односно 17 случаи припаѓаат на возрасната група под една година, а 10 се деца на возраст од една до четири години. Првиот пријавен случај е на 5 јануари, а само во последните седум дена се пријавени 28 случаи, со зголемување од 71,8 отсто во однос на претходниот неделен период за пријавување“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број регистрирани случаи – 67, 61 случај не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или од последната доза – кај комплетно вакцинираните, поминале просечно повеќе од 11 години од последната примена доза, или нема доказ за вакцинација.

Од заболените, регистрирани се 25 лица со хоспитализација и тоа 20 од нив на возраст до четири години.

„Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација – Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар, било утврдено дека се пронајдени 12.639 деца пропуштени за вакцинација.

„Oд нив, вакцинирани се 4.142 или 32,8 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина – 1.933 или 46,7 проценти. Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.792 деца на возраст до седум години, а најголем број и процент – 4.792 или 61,5 отсто од вакцинираните деца, примиле I, II или III доза на примовакцинација. Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – I,II,III доза или ревакцинација – I,II ревакцина, на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 22 февруари изнесува 11.934“, се истакнува во извештајот на ИЈЗ.

Без Скопје, кога станува збор на ниво на држава и број на вакцинирани лица од 18 јануари до 22 февруари, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 6.663 деца пропуштени за вакцинација. Од нив, вакцинирани биле 1.621 или 24,3 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина – 731 или 45,1 процент.

„Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 6.211 деца на возраст до седум години, а најголем број и процент – 2.095 или 33,7 отсто од вакцинираните, примиле II ревакцина на школска возраст. Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – I,II,III доза, или ревакцинација – I,II ревакцина, во периодот од 18 јануари до 22 февруари, изнесува 7.832“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Слични содржини