Премиерот Никола Груевски преку писмена изјава денеска реагира на насловот на статија во британскиот весник Гардијан, каде беше објавено дека Македонија е отворена за промена на името. Тој истакнува дека такво нешто не изјавил и оти ќе реагира до весникот.
„Такво нешто не сум изјавил. И ние ќе реагираме и до „Гардијан“. Тоа се гледа и од самиот текст каде што е очигледно дека се работи за новинарски коментар, а не за моја изјава. Тоа е кристално јасно. Вакви провокации имало и ќе има и ние сме навикнати на тоа. Очигледно темата за името станува популарна периодов точно како што претпоставувавме и вакви тенденциозни и погрешни интерпретации од многуммина кои не му сакаат добро на процесот и имаат потреба од лажен ексклузивитет или одработуваат нечија агенда се очекувани“, стои во писмената изјава на Груевски.
Guardian: Македонија отворена да го промени своето име за да се стави крај на 24-годишниот спор со Грција
Гардијан објави дека Груевски изразил подготвеност за промена на името на Македонија, со што, како што наведува британскиот весник, ги подгреал надежите за крај на еден од нејнеобичните дипломатски спорови во светот. Груевски за весникот изјави дека сака што побрзо да се започне дијалог со Грција за изнаоѓање на решение за спорот со името. Според него, доколку се најде решение, тоа ќе биде поставено на референдум за граѓаните да го кажат своето мислење.