„Или си СДСМ или си тезгарош“, порача Шилегов и побара оставка од Филипче

„Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла!!! Или тешка ви е одговорноста“, истакна поранешниот функционер на СДСМ по изборот на новото раководство на партијата

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Поранешниот градоначалник и поранешен функционер од редовите на СДСМ, Петре Шилегов побара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, само еден ден по изборот на новото раководство на партијата.

„Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла!!! Или тешка ви е одговорноста? Или ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош!!! М?Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова година, Божиќ, ќе се заборави….“, објави Шилегов на социјалните мрежи.

Преку друга објава тој даде дообјаснување.

„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел. повици за 7 мин.) Да! Барам оставка на ‘претседателот’ на СДСМ“, додаде адвокатот и поранешен градоначалник на Скопје.

Шилегов уште лани порача дека неговата партија е заробена уште од 2019 година.

„Ај да не се лажеме !!! СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани “лидери” од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет !!! Пролет е СДСМ!“, стоеше во тогашната изненадувачка објава на Шилегов на социјалните мрежи.

Завчера СДСМ, на седница на Централниот одбор, го избра новото раководство на партијата кое си поднесе оставка по локалните избори. Поранешната министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од СДСМ, Јована Тренчевска и Александар Трајановски се нови потпретседатели на СДСМ.

На функцијата генерален секретар на СДСМ останува Александар Саша Димитријевиќ, а Љупчо Фармаковски како и досега ќе ја извршува функцијата организациски секретар на партијата.