Александар Илиевски од Скопје го преплива целото Охридското Езеро. Тој е првиот кој го обиколи со пливање езерото, како од македонска така и од албанска страна, испливувајќи 71 километар за 15 часа 21 минута 38 секунди, нешто кое досега не му успеало никому.
Пливал и во ноќни услови, откако тргна од Охрид во 3 часот наутро, преку Свети Наум, продолжи кон Поградец на албанска страна. Поминувајќи низ Струга, заврши од таму каде што стартуваше, на градското пристаниште во Охрид.
Со овој подвиг тој запиша нова историја во македонскиот спорт.
„Честитки и големо БРАВО за нашиот маратонец Александар Илиевски кој за 15 часа, 21 минута, 38 секунди го преплива Охридското Езеро на реалција Охрид – Св. Наум – Поградец – Струга – Охрид во должина од 71км. Александар е наша гордост и му посакувам уште многу совладани и препливани води!“, напиша директорот на АМС, Наумче Мојсоски, кој додаде дека Агенцијата му дала целосна поддршка на Александар и на неговиот тренер Томи Стефановски, кои решително одговориле на овој голем предизвик!
Најдолг маратон кој досега го испливал е во Аргентина од Хернандариас до Парана во должина од 88 километри во 2014 година, во рамките на светската гран при серија, на ФИНА.