Илјадници луѓе синоќа во центарот на Софија со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани, јавува БГНЕС.
Граѓаните се собраа пред Судската палата во знак на сочувство и солидарност со семејствата на загинатите.
Денес, Кочани им кажува последно збогум на своите деца, кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. Во најголемата трагедија што го потресе градот, животот го загубија 59 млади лица, повеќето на возраст од 14 до 25 години.
Најголемиот дел од жртвите се од Кочани, а останатите од Чешиново-Облешево, Штип, Пробиштип и Скопје. Градот е завиен во тага, молк и неизмерна болка за изгубените животи. Насмевките на многу млади луѓе повеќе нема да го осветлуваат Кочани.
Илјадници македонски граѓани од целата земја преку мирни собири изразија сочувство со тагата на семејствата. Но, ништо не може да ја утеши загубата на родител кој го изгубил своето дете.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна во раните утрински часови на 16 март. Трагедијата однесе 59 животи, а 165 лица се повредени. Цела Македонија со страв ја следи ситуацијата, молејќи се бројот на загинати да не се зголеми. Најтешко повредените се лекуваат во странство, од кои 15 во Бугарија.