Илјадници македонски граѓани ja примија „АстраЗенека“

од Берта Китинска
425 прегледи

Наместо во Македонија, голем број наши граѓани имунизација викендов ја започна во Србија.

Стотици автомобили со македонски граѓани утрово направија долга колона на Табановце.Голем број Македонци се вакцинираа во Ниш и Белград.

На Белградскиот саем денеска се вакцинирани 6.446 граѓани, меѓу кои и странци, соопшти заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

– Вакцината на „АстраЗенека“ ја примиле 5.299 лица од кои повеќето се странци – рече Весиќ за агенцијата Бета, додавајќи дека се ревакцинирале 1.147 лица.

Министерот за здравство Венко Филипче, го поздрави пријателскиот гест на Република Србија за чинот на солидарност што овозможи граѓани од нашата земја, како и  соседните земји Босна, Црна Гора, Хрватска викендов да се вакцинираат во Србија.

-Тоа е за поздравување, пред неколку месеци Србија ни донираа вакцини со кои ги вакциниравме здравствените работници, секој што работи со ковид пацинети, а сега ги отвораат вратите и за другите граѓани на соседните земји и мислам дека тоа е многу добар гест. Во моментов кога е буквално борба за вакцини, апсолутно секоја вакцина треба да се искористи и не треба да се дозволи да помине рокот, или да се уништи – рече Филипче во вестите на Сител.

Министерот упати апел до нашите граѓани кои првата доза на вакцина ја примиле во Србија дека ќе имаат можност доколку одлучат ревакцината да ја примаат во нашата земја, а веќе се подготвува начин како граѓаните да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид 19.

Слични содржини