Во Турција, протестите продолжуваат шеста вечер по ред, со десетици илјади граѓани кои излегуваат на улиците. Во Истанбул, илјадници студенти учествуваа во протестен марш до централното место за собир пред градската администрација, како што известуваат странските медиуми, вклучувајќи СНН, Ројтерс и Дојче Веле.
Според странските медиуми, протестите се реакција на актуелните политички и економски услови во земјата, а демонстрантите бараат промени и одговорност од властите.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган изрази силна осуда на последните претежно мирни демонстрации, опишувајќи ги како „насилно движење“. Тој најави дека опозицијата ќе биде повикана на одговорност за повиците за протест. Демонстрациите се забранети во големите градови, вклучувајќи Измир, Анкара и Истанбул. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, заклучно со пладне во понеделникот, бројот на апсења од почетокот на протестите надмина 1.000, а приведени се и девет новинари.
🇹🇷Измир
Чували ли сте как викат в един глас 1 млн души?
Не се чува често, но настръхването е задължително.2025г донесе много безумия, но и много автократи разбраха, че властта им не е безгранична
— Sensum ☯️ (@vonegat) March 23, 2025
Во изјава за „Локално“ директно од Истанбул, претседател на Демократската партија на Турците, пратеник и копретседател на советот за соработка помеѓу Македонија и Турција, Бејџан Илас истакна дека правните органи на Турција не покренаа обвинение за тероризам против градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, туку за злоупотреба и корупција. Тој нагласи дека правниот систем во Турција функционира и дека постојат сериозни сомневања против градоначалникот, нагласувајќи дека истрагата ќе покаже каква разврска ќе добие случајот.
Пратеникот и претседател на ТДП истакна дека Турција е голема држава и има капацитети да го реши овој случај, сметајќи го како внатрешен проблем на државата. Сепак, предупреди на можноста за надворешно влијание, какви што, според него, биле обидите во Таксин пред неколку години.
„Во моментов сум во Истанбул и имам можност да ја следам ситуацијата од блиску и да ви пренесам што се случува тука. Градоначалникот на Истанбул е приведен поради сомневања за корупција и злоупотреба на службената положба. Пред два дена, правните органи на Турција не покренаа обвинение за тероризам, туку за злоупотреба и корупција. Во Истанбул не е така како што се пренесува кај нас. Нема масовни протести; само во некои делови, по повикот на Републиканската народна партија, односно партијата на Имамоглу, се собираат групи. Сметам дека повремено, при ваквите собири, особено левичарските партии ги користат протестите за да нанесат штета на јавната инфраструктура и да напаѓаат безбедносните сили. Според мене, правниот систем во Турција функционира. Постојат обвиненија против градоначалникот и сериозни сомневања, но не би сакал да коментирам; истрагата ќе покаже. Морам да напоменам дека ваквите сомнежи за злоупотреба на Имамоглу долго време беа актуелна тема во јавноста во Турција, а за тоа збореа и угледни сопартијци на сегашниот градоначалник на Истанбул. Турција е голема држава и има капацитети да го реши овој случај; го гледам како внатрешен проблем на државата. Сепак, не може да се исклучи надворешно влијание, бидејќи веќе имаше обиди за мешање во внатрешните работи на Турција, како што беше случајот во „Таксим“. Турција е силен фактор и индустриски гигант, особено во одбранбената индустрија, и закрепнува економски, имајќи долгорочен план за економски раст со кој Турција ќе застане на здрави нозе“, изјави Иљас.
Иљас нагласува дека ситуацијата во Истанбул не е онака како што се пренесува во македонските медиуми. Според него, во Истанбул нема масовни протести; само во некои делови, по повикот на Републиканската народна партија, односно партијата на Имамоглу, се собираат одредени групи на поддржувачи на Имамоглу.
Иљас истакна дека правниот систем во Турција функционира и дека ситуацијата треба да се разгледа во контекст на внатрешните проблеми на државата.
„Во Истанбул не е така како што се пренесува кај нас. Нема масовни протести; само во некои делови, по повикот на Републиканската народна партија, односно партијата на Имамоглу, се собираат групи. Сметам дека повремено, при ваквите собири, особено левичарските партии ги користат протестите за да нанесат штета на јавната инфраструктура и да напаѓаат безбедносните сили“, изјави Иљас.
На прашањето дали Ердоган се обидува политички да се пресмета со својот противник Имамоглу, Иљас смета дека Ердоган пред една година се пресметал со сегашниот градоначалник на Истанбул на изборите за претседател и ги добил. Според него, не постојат индикации за политичка пресметка помеѓу претседателот на Турција и градоначалникот на Истанбул. Според Иљас таквите наводи паѓаат од самиот почеток бидејќи Ердоган пред околу една година на избори го докажал спротивното.
„Ердоган пред околу една година се пресмета со сегашниот градоначалник на Истанбул на изборите за претседател, и ги доби. Ако претседателот беше вмешан во наративот со кој сака политички да се пресмета со Имамоглу, тоа значи дека паѓаат сите тие наводи дека Ердоган се пресметува со својот политички опонент. Како претседател на Демократската партија на Турците во Македонија, но и пратеник во Собранието, како и копретседател на групата за соработка помеѓу двете држави, сметам дека нема пресметка помеѓу Ердоган и Имамоглу . Треба да веруваме во правдата на Република Турција и верувам дека има силни докази, и на крајот вистината ќе излезе на виделина“ смета Иљас.
Во врска со апсењето на Имамоглу и неговото повторно политичко делување, Иљас истакна дека законската рамка во Турција е многу различна од онаа во Македонија. Тој нагласи дека постојат сериозни сомневања против градоначалникот на Истанбул, но посочи дека институциите ќе одлучат за неговата иднина – дали ќе продолжи да врши политичка функција или ќе добие целосна забрана. Иљас смета дека тоа зависи од постапката и пресудата која ќе биде донесена.
„Законската рамка во Турција е многу различна од онаа кај нас. Морам да наведам дека господинот Имамоглу, кој е приведен, ако беше обвинет за тероризам, немаше да може да ја врши ниту моменталната функција, градоначалник. Доколку се докаже по закон дека е виновен за наводите, нема да може воопшто да дејствува политички. Но, тоа не е политичка освета; мора да ја чекаме правната разврска и процесот. Наводите се сериозни, а нам ни останува да ја следиме состојбата. Тврдењата дека има масовни протести не се точни“, заврши Иљас.
Д.Ѓ.