Илон Маск го затвори купувањето на Твитер во вредност од 44 милијарди долари во четвртокот вечерта, а неговиот прв потег беше да го отпушти највисокото раководство на социјалната мрежа.
Според извори запознаени со ситуацијата, Маск ги отпуштил извршниот директор на Твитер Параг Агравал, главниот финансиски директор Нед Сегал и шефот за правни прашања и политика Виџеј Гејд.
Агравал и Сегал беа во седиштето на Твитер во Сан Франциско кога беше склучен договорот и беа придружувани надвор од просториите, додаваат изворите.
Твитер, Маск и отпуштените директори не одговориле на барањето на Ројтерс за коментар.
Маск ги обвини претходните лидери дека го доведоа во заблуда него и инвеститорите за бројот на лажни сметки на платформата, како и дека не му даваат јасни аргументи за тоа како да ги постигне високите амбиции што ги има со влијателната социјална мрежа.
Маск рече дека сака да ги порази „спам ботовите“ на Твитер, да ги направи јавно достапни алгоритмите кои одредуваат како содржината им се презентира на корисниците и да спречи платформата да стане комора на омраза и поделби.
Тој не понуди детали како ќе го постигне сето ова и кој ќе ја води компанијата. Тој најави и отпуштања, поради што околу 7.500 вработени на Твитер се загрижени за својата иднина, пишува Ројтерс.
Претходно во четвртокот, Илон Маск изјави дека сака Твитер да стане „најпочитуваната платформа за огласување“, што беше протолкувано како обид да се стекне довербата на огласувачите пред очекуваното купување на социјалната мрежа, додека исто така рече дека со ова стекнување сакаше да му „помогне на човештвото“.
Маск, ко-основачот на Твитер Џек Дорси и други инвеститори претходно предложија дека сакаат да ја тргнат социјалната мрежа подалеку од рекламирањето и да генерираат приходи преку претплати и други средства.
Самиот Маск еднаш напиша „тој мрази рекламирање“.
„Има многу шпекулации за тоа зошто го купив Твитер и што мислам за оекламите. Повеќето од нив не се во право. Во основа, Твитер сака да биде најпочитуваната рекламна платформа во светот која го зајакнува вашиот бренд и носи раст на компаниите“, напиша Маск, најбогатиот човек во светот и извршен директор на Тесла.
Инаку, повеќе од 90 отсто од приходите на Твитер во вториот квартал од оваа година се од реклами.
Маск, самопрогласен „апсолутист на слободата на говорот“, во мај изјави дека ќе ја укине забраната на Твитер за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој минатата година беше отстранет од мрежата поради страв од поттикнување насилство откако неговите поддржувачи упаднаа во Капитол.
Според Ројтерс, купувањето на Твитер од Маск е кулминација на сагата полна со пресврти, каде што се сомневаше дали мултимилијардерот ќе успее да го заклучи договорот.