Илон Маск: Присилното затворање на луѓе во домовите е фашистичка мерка!

од Aleksandar Petrovski
149 прегледи

Илон Маск, ексцентричниот челник на фабриката за производство на електрични автомобили „Тесла“, во средата повика на брз почеток на американската економија и оцени дека карантинот е фашистичка мерка.
За време на конференцискиот повик, Маск остро ги нападна рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Искрено, би го нарекол тоа присилно затворање на луѓе во нивните домови, против сите нивни права загарантирани со уставот“, рече Маск.

„Тоа ќе предизвика голема штета, не само на Тесла, туку и на многу компании“, додаде тој.

Компанијата на Маск оствари профит од 16 милиони долари во првиот квартал на 2020 година.

„Тоа е фашистичко. Не е демократско“, рече Маск, осврнувајќи се на мерките за ненапуштање на домовите во САД.

Американските здравствени претставници велат дека мерките се клучни за да се забави ширењето на инфекцијата.

Над 60.000 луѓе починаа од коронавирус во САД.

Претходно во средата, Маск повика на социјалните медиуми за брзо отворање на американската економија.

„ОСЛОБОДЕТЕ ЈА АМЕРИКА СЕГА“, твитна Маск, кој има повеќе од 33 милиони следбеници на Твитер.

Претходно овој месец, Трамп објави слични твитови во кои се повикува на „ослободување“ на неколку американски држави.

Твитот на Маск е споделен повеќе од 47.000 пати.

Во март, Маск ја поддржа идејата дека ковид-19 може да се третира со антималарици.

Ова со недели го промовираше Доналд Трамп, а американската администрација за храна и лекови (ФДА) неодамна издаде предупредување дека хидроксихлорокин и хлорокин не треба да се користат надвор од болниците и клиничките испитувања, бидејќи тие можат да предизвикаат сериозни несакани ефекти, како што се сериозни нарушувања на срцевиот ритам.