Имунизацијата во земјава продолжува, институтот „Торлак“ станува стратешки партнер за набавка на вакцини

од Берта Китинска
198 прегледи

Во земјава пристигнаа десет илјади и 530 дози од вакцината „Фајзер“.Вакцините од денеска ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Ќе се вакцинираат повозрасните граѓани над 73 години и имунизацијата ќе продолжи согласно Националниот план за имунизација, каде се предвидени хронично болните во приоритетниот распоред согласно старосната група во која припаѓаат.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера беше во посета на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак” во Белград, истакна дека тој ќе биде местото каде ние за секоја понатамошна нарачка на вакцини може да се обратиме и согласно капацитетот може да сметаме дека ќе има доволно количини и за нашите граѓани.

– Договоривме Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак” од Белград во периодот пред нас да биде наш стратешки партнер за набавка на вакцини против ковид-19. Многу е веројатно оваа вакцина да стане сезонска, рече министерот Филипче на заедничката прес-конференција во Белград со неговиот српски колега Златибор Лончар.

С.Македонија ќе добие 119 илјади вакцини на Фајзер од ЕУ

На 28 април во земјава ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, а уште 10 илјади вакцини „Фајзер“ на 26 април.  Преку Ковакс-механизмот 76.000 дози на „АстраЗенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.

Австрија објави дека почнувајќи од мај до август ќе испорача 651.000 дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“ во шест земји од Западен Балкан, како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка.

Најголем дел од вакцините се наменети за Босна и Херцеговина – 214 илјади дози, додека во Северна Македонија се очекува да пристигнат 119 илјади вакцини. Во Албанија треба да бидат испорачани 145 илјади, во Косово 95 илјади, Црна Гора ќе добие 42 илјади вакцини, а со планот е опфатена и Србија каде ќе бидат дистрибуирани 36 илјади вакцини.

Од 31 март, кога почна вакцинацијата на населението за лицата над 73 години вакцинирани се 13.575 лица. Од 5 април, пак, почна масовната вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски”, каде се вакцинирани вкупно 18.376 лица.

Слични содржини