Македонија се најде на 64-то место меѓу 139 држави на листата според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда за 2021 година, задржувајќи ја истата оценка од 0,54 индексни поени како и на ланската класификација.
Меѓу земјите од регионот, од Македонија подобро рангирани се Словенија на 29-то место со индекс 0,68, Хрватска на 46-то со индекс 0,61, исто колку што има и Грција на 48-то, Косово на 60-то со 0,55, а Бугарија е 62-ро место со индекс исто како и Македонија – 0,54.
Босна и Херцеговина е 72 со индекс 0,52, а потоа со индекс 0,49 Србија и Албанија се рангирани на 81, односно 83-то место, додека најслабо рангирана меѓу земјите од регионот е Турција на 117-то место со индекс 0,42.
На врвот на листата се Данска и Норвешка со индекс од 0,9, пред Финска, Шведска, Германија и Холандија, додека најлошо рангирани се Венецуела, Камбоџа и Конго.
Индексот за владеење на правото се одредува врз основа на осум критериуми: ограничување на овластувањата на Владата, отсуство на корупција, отвореност на Влада и почитување на основните права, редот и безбедност, на законот и на граѓанско-правниот и кривично-правниот систем.
Во извештајот се посочува на дека на глобално ниво, се бележи негативен тренд во владеењето на правото, на што дополнително влијаеше и пандемијата со Ковид-19. Извештајот покажува дека состојбата со владеењето на правото е влошена во 95 земји, кои сочинуваат 84,7 проценти од светското население, а е подобрена во 33 држави.