Индија потврди прв случај на Зика

од Vladimir Zorba
121 прегледи

Индиското Министерство за здравство ги потврди првите случаи на вирусот на Зика, соопштија од Светската здравствена организација. Инфекцијата, која може да доведе до раѓање на бебиња со микроцефалија, засегна десетици земји во светот по првото нејзино откривање во 2015 година.

Случаите во Индија вклучуваат бремена жена од Гуџарат. Според СЗО нема место за паника и опасноста од пренесување на болеста во земјата не е голема. Сепак останува стравот од повторна појава поради што здравствените власти ги повикуваат лекарите да го зајакнат мониторингот за симптомите слични на Зика.

Откако избувна во средината на 2015 година во Бразил, Зиката зарази повеќе од 1,5 милиони луѓе во светот во околу 70 земји. Болеста може да предизвика осип, но најчесто нема карактеристични симптоми, што го отежнува откривањето и следењето.

Во ретки случаи, вирусот може да предизвика мозочни дефекти како микроцефалија – неповратна состојба во која мозокот и черепот на детето се невообичаено мали и деформирани.

Комарците Aedes aegypti кои го носат Зика и вирусите на Денг и чикунгунја, се широко распространети во Индија. СЗО вели дека нема веројатност вакцина за Зика да биде на располагање до 2020 година.