Скопје повторно на листата на најзагадени градови. Според податоците на платформата за мерење на квалитет на воздухот „IQAir“ утрово Скопје се најде на 26 место на глобалната листа на најзагадени градови. Индексот на штетни честички изнесува 137, односно Скопје е во портокаловата зона, што значи дека воздухот е штетен за лица со чувствително здравје.
Во Скопје во моментот поголемите индустриски капацитети се во ремонт и не работат. И двете печки на УСЈЕ се исклучени повеќе од една недела, а претходно, еден месец цементарницата работеше со половичен капацитет, што се гледа од јавно објавените податоци од мерењата. Со помал капацитет или воопшто не работат и други индустриски капацитети во градов.
Според истражувањата направени од домашни и странски експерти, како главна причина за загадувањето во Скопје се посочува загревањето на домовите во текот на зимата, сообраќајот, градежните објекти и индустријата. Иако проблемот постои повеќе од една деценија, нема конкретни мерки кои би ги таргетирале главните извори на загадувањето.
Податоците од платформата „IQAir“ покажуваат и други европски градови со високи индекси: Приштина е на 19. место, Софија на 22. место, Букурешт на 23. место, Љубљана на 37. место, Загреб на 46. место, Белград на 51. место и Атина на 87. место. Првото место на оваа листа го зазема Сараево, каде индексот на аерозагаденост изнесува 296, што ја прави воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина многу нездрав.