Од владеачката СДСМ се пофалија дека успешните економски мерки и политики на Владата даваат резултати, кои ги чувствуваат сите граѓани. Според СДСМ, стапката на инфлација во декември 2023 година се спуштила на 3,6 отсто.
Од партијата на власт наведуваат дека инфлацијата е намалена за околу пет пати во однос на декември 2022 година, кога изнесуваше 18,7%.
Инфлацијата втор месец по ред забележува стагнација. Најновите пресметки на Државниот завод за статистика покажуваат дека во декември лани во однос на претходниот месец трошоците на живот на граѓаните пораснале за само 0,2 отсто, а за 0,1 отсто имало раст на цените на мало.
Во последниот извештај се наведува дека на годишно ниво пак, односно декември лани во однос на декември 2022 година инфлацијата е на ниво од 3,6 отсто. Цените на мало пак во анализираниот период се зголемени за 3,7 отсто. Индексите на трошоците на граѓаните во цела 2023 година во однос на 2022 година е забележано зголемување од 9,4 отсо, цените на мало пак за истиот период се зголемени за седум отсто.
Владините проекции беа дека годината ќе ја завршиме со инфлација од 9% додека за оваа плановите се поамбициозни. Се проектира пораст на трошоците за живот од 3,6 отсто.