Инфлацијата во март во однос на февруари падна за 1,3 отсто, но трошоците за живот и цените на мало сеуште бележат раст. Трошоците на животот во март годинава, во однос на март лани, бележат зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало раст од 2,2 проценти. Економските експерти оценуваат дека овие податоци не ја отсликуваат реалната состојба на пазарот, бидејќи статистичкиот пад на инфлацијата најчесто е резултат на стабилизирање на цените на некои производи кои не се дел од секојдневната потрошувачка кошница.
-Иако официјалните податоци укажуваат на тенденција на намалување на инфлацијата, ваквиот индикатор сè почесто не соодветствува со перцепцијата на граѓаните и реалната состојба на пазарот. Статистичкиот пад на инфлацијата најчесто е резултат на базичен ефект и стабилизирање на некои цени на производи кои не се дел од секојдневната потрошувачка кошница. Сепак, цените на основните прехранбени производи, особено свежото овошје и зеленчук, продолжуваат да растат, што директно го засега стандардот на населението. Дополнително, земјоделците предупредуваат на нова серија поскапувања како резултат на зголемените трошоци за репроматеријали, гориво и логистика, како и намалените субвенции и штети предизвикани од климатските промени, изјави за „Локално“, Абил Бауш економски аналитичар.

Абил Бауш
Ова укажува дека постои структурен проблем во синхронизацијата помеѓу статистичките индикатори и економската реалност, што може да создаде илузија на стабилност додека куповната моќ на граѓаните еродира.
Според Бауш, потребна е подлабока анализа и реформа на начинот на кој се пресметува и интерпретира инфлацијата, со фокус на реалните животни трошоци и влијанието на сезонските фактори и глобалните економски текови. Само така политиките може да бидат навремени, таргетирани и ефективни.
Економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ смета дека ова се добри резултати, но не треба да се имаат илузии дека цените драстично ќе паднат и дека ќе се вратат на нивото од пред 2-3 години.

Бранимир Јовановиќ
-Ова се добри податоци – инфлацијата нагло падна, од 5 отсто во февруари, на 2,7 отсто во март. Јас во ова гледам две работи – прво, дека Владата може да ги стави цените под контрола, ако сака, и второ, дека најдобар начин да се нарави тоа е преку замрзнување на цените. Но не треба да се имаат илузии дека цените драстично ќе паднат и дека ќе се вратат на нивото од пред 2-3 години. Тоа нема никогаш да се случи, единственото што може да се случи е тие да не продолжат да растат нагло. Клучно за тоа ќе биде владата да го продолжи ова замрзнување кое е на сила сега и после април. Ако тоа не го направат, цените во мај веднаш ќе скокнат, па и ова малку што е постигнато сега ќе падне во вода, изјави за „Локално„ Јовановиќ.
Од Владата веднаш се пофалија дека инфлацијата се смирува, цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и оти мерките за ограничени маржи даваат резултати.
Б.С.