Иницијативниот одбор за промени во КФМ излезе со соопштение во врска со престојниот избор за прв човек на оваа организација, на чие чело засега и понатаму е Перо Антиќ. Сметаат дека последениот избор кога беше продолжен мандатот на Антиќ е нелегитимен бидејќи неговите роднини и пријатели гласале за поранешниот кошаркар на Работнички, Црвена звезда, Олимпијакос…Тие приложија и списоци од гласањето.
„За претседателот во заминување гласаа неговиот татко, кумовите, братучедите и вработените во КФМ на кои им е надреден. Флагрантен пример за прекршување на статутот на КФМ е учеството на генералниот секретар како делегат/претставник на клубо кој гласа по сите точки од дневниот ред“, се вели во соопштението и се додава:
„Ако Перо Антиќ мисли дека ја има довербата од клубовите, нека не се плаши. На претстојното собрание збор ќе имаат клубовите, а не неговите роднини и пријатели“.
Антиќ доби нов мандат како претседател на КФМ во март 2023 година. Утре во среда треба да се одржи закажаното редовно собрание на кое ќе биде гласана негова недоверба или ќе остане на функцијата.
Со реакција денеска се јавија и од раководството на КФМ. Порачаа дека иницијативниот одбор е „составен од скијач, комарџија, пропаднат кошаркар од јужниот дел на Македонија итн“. Антиќ одговори дека на минатото изборно собрание само тој бил кандидат, и ја објасни процедурата за именување на нов претседател.
Претседателот вели дека и без гласовите на луѓето околу себе, тој пак би бил избран за прв човек на КФМ.