Предложениот мандатар Ѓуро Мацут не е многу популарен кај народот затоа што со текот на времето, откако беше предложен испливаа информации и сеќавања за неговата неславна улога за време на пандемијата со Ковид-19, вели во изјава за „Локално“, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац за новото име на српската политичка сцена кој треба да ја предводи тамошната Влада.
Ињац смета дека неговиот избор за мандатар всушност ништо не значи. Главното прашање е каков ќе биде составот на новата влада.
-Поделби има и меѓу студентите. Додека, на пример, студентите од Нови Сад бараат преодна влада, студентите од другите градови не сакаат. Во секој случај, без вклучување на опозицијата во политичките процеси, тешко е да се очекува дека ќе се реши политичката криза во Србија, оценува соговорникот.
По наводите на дел од опозициските партии во Србија дека лекарот Мацут своевремено бил плаќан од УСАИД. Ињац смета дека кога ќе стане транспарентно, ќе се види дека многумина од опозицијата, невладиниот сектор и власта биле на платен список.
-Тоа повторно не ги менува работите во Србија. Поларизацијата во Србија се заснова на односот кон Александар Вучиќ и неговите политики, а не во однос на Истокот, Западот, економијата или други фактори. Секој политичар има мандат. Вучиќ досега вешто балансираше и избегнуваше многу замки во кариерата, но прашањето е дали ќе го преживее овој актуелен политички ќор-сокак, бидејќи ниту неговите поддржувачи ниту противниците немаат доволно сила да променат нешто, констатира аналитичарот.

Александар Вучиќ и Ѓуро Мацут
Премиерот во технички мандат, Милош Вучевиќ вчeра изјави дека во новата Влада на Србија, која ќе биде формирана до 18 април, ќе има актуелни министри, но и многу нови имиња, додавајќи дека бројот на ресори ќе остане ист, бидејќи за промената ќе треба да се расправа за законите за владата и министерствата.
„Не е сè толку едноставно, Ѓуро Мацут сега презема големи предизвици, да вклучи сè, да слушне, да сублимира сè. Претседателот (Александар) Вучиќ и јас разговаравме неколку пати, (министерот за финансии) Синиша Мали исто така беше таму. Подготвен сум да споделам сè со мандатарот“, рекол Вучевиќ во дебатна емисија.
Екс-премиерот смета дека во актуелната влада има луѓе кои заслужуваат да останат министри, но и дека некои позиции треба да се освежат.
„Луѓето треба да разберат зошто некои министри се менуваат. Што се однесува до ресорите, тие остануваат во ист број како што беа досега. Затоа што тоа ќе бара промени во законот за владата и министерствата“, кажал Вучевиќ, претседател на Српската напредна партија.
Според неговиот став, новата влада треба да го започне мандатот со оптимизам, а Мацут е најдоброто решение бидејќи нема знаци од минатото и неговата предност е што не доаѓа од политиката.
„Му посакувам многу успех“, додал Вучевиќ.
Вучевиќ изрази уверување дека претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, во предвидениот рок ќе ја закаже седницата на парламентот, дека пратениците ќе можат активно да учествуваат, а мандатарот ќе може да се претстави.
Вучевиќ оценил дека Мацут донел одлична одлука да не дава изјави за медиумите пред експозето, но дека и без тоа неговиот политички став во моментов е многу јасен, како што неколкупати го искажал.
Н.П.