Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, е заклучокот на инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа. Решението опомена до градоначалникот на Општина Штип и до претседателот на Советот пристигнало попладнево, објави МИА.
Според она што го пишува во решението, советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.
Свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него, пишува меѓудругото во Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Со решението на Инспекторатот опомени заработија градоначалникот Иван Јорданов и претседателката на Советот Весна Карагунова-Кожинкова. Следен чекор е потпишаните свечени изјави без уставното име да се повлечат, а на наредна седница да се потпишат нови со уставното име. Такви насоки доби службата на Советот.