Институтот за радиологија со нови смени и викенд работа за намалување на времето за добивање резултати

од Илинка Илиоска
38 прегледи

Директорката на Институтот за радиологија, д-р Соња Николова, денеска соопшти дека се воведени две смени и викенд работно време на Институтот за да се намали времето на чекање за резултати. Таа, заедно со министерот за здравство Арбен Таравари, го промовираше реновираниот дел на Радиологија, дел од Хируршките клиники, инвестиција вредна околу 6 милиони денари, од кои 1,7 милиони денари се донација од Кина.

Николова изрази задоволство од реновирањето на просториите каде што персоналот работи долги часови. Таа објасни дека целта на реновирањето е да се подобри ефикасноста на одделот и квалитетот на услугите, со создавање на поудобна и поквалитетна средина за пациентите.

„Радосни сме што може да го прославиме отворањето на реновираните простории каде што моите здравствени работиници и соработници поминуваат 18 и 24 часа дежурства. Идејата беше да се зголеми ефикасноста на просторот, да се создаде една поудбона, посветла, почиста средина со што ќе го подобриме целокупното искуство на пациентите за време на нивниот краток престој во овие простории. Идејата беше да се стимулира и кадарот кој ќе работи, да ја зголемиме ефикасноста на овој оддел и со тоа да се зголеми и квалитетот на услугата на пациентите. Моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар, имаме проблем со кадарот, одлевање во приватното здравство, доста од кадарот замина во пензија, така што со постоечкиот кадар што не е доволен, моравме да направиме внатрешна реорганизација за да се намали чекањето на наоди. Се работат втори смени, се работи за викенд, тоа е добра волја на луѓето кои се позади мене и мора да им се заблагодарам. Доста расчистивме од заостанатите наоди, имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку“, рече директорката.

Д-р Николова истакна дека долготрајното чекање за резултати е системски проблем што се развивал со години, но нагласи дека Институтот работи на подобрување на организацијата за да го спречи натамошното генерирање на вакви застои. Таа апелираше на трпеливост и разбирање од страна на пациентите, нагласувајќи дека покрај брзината, квалитетот на резултатите е исто така од клучно значење.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска кажа дека се работи на проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација.

„Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно ѝ требаат сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ, така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции, дециден беше министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновиарните простории на Универзитетскиот институт за радиологија“, рече Таравари.

Како што информираше тој, веќе се разговарало и за користење телемедицина – консултации од дистанца. За одредени прашања, појасни министерот, пациентот не мора да доаѓа на клиника, туку може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, потоа докторот би го повикал пациентот и да го прегледа физички.

Слични содржини