Интересот за купување станови се намалува, цената на квадратот нема да расте

Нашите очекувања се дека ќе се гради не помалку од 2025 година во регионите во кои имаше голема трансакциска активност во годината која измина, тука пред се би ги издвоил полошкиот, пелагонискиот но и скопскиот регион, вели Серафимовски за „Локално“

од Vladimir Zorba
330 прегледи Фото: Локално

Цените на становите нема да растат, но нема ниту да се намалат. Градежните експерти сметаат дека во 2026 година ќе има стагнација на цените на станбениот квадрат, бидејќи интересот за купување на станови се намалува. Тоа може да се заклучи од фактот што голем дел од фирмите кои вршат продажба имаат останато непродадени станови. Ако порано голем дел од становите се продаваа уште во градба, сега и по завршување на градбата на одредена станбена единица има по неколку непродадени станови.

Градежниот експерт, Никола Велковски вели дека и покрај тоа што интересот за купување на станови е намален, цените на становите не се намалуваат.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24

-Нема навалица за купување на нови станови, но цените ниту на новите, ниту на старите станови не се намалуваат. Оваа година се очекува овој тренд да продолжи, бидејќи е намален бројот на квалитетни локации за градба, а сопствениците на парцелите за градба ги зголемија условите. Така на пример ако порано бараа 30 отсто, сега бараат 40 отсто од изградениот простор. Овие градители не се градежни фирми, туку еднократни инвеститори кои само градат станови и ги продаваат. За разлика од нив, градежните фирми не се фокусирани исклучиво на градба и продажба на станови и не ги прифаќаат условите кои ги диктираат сопствениците на земјиштето, изјави за „Локално“, Велковски.

Тој додава дека поради поскапото земјиште инвеститорите ги зголемуваат цените на становите. Од друга страна, урбанистите прифаќаат да даваат одобрение за поголеми маркици за да се добие поголема станбена површина поради што се создаде и урбанистичкиот хаос во градот Скопје.

-Квалитетот на живеење е многу лош, треба да се оди кон тоа Скопје да стане затворен град. Градот веќе нема капацитет да прими толкав број на жители, нема паркинзи, нема зеленило, нема градски превоз… Поради тоа во 2026 година се очекува да се намали интересот за купување на станови во Скопје што ќе влијае и на стабилизирање на цената на квадратот, додава Велковски.

И Андреа Серафимовски од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора вели дека во 2025 година се  стабилизираа цените на градежните материјали и оти годинава очекува стабилизација на продажните цени на становите.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТИРЗ

– Очекуваме поголема понуда и се надеваме дека 2026 година ќе биде година која ќе биде запаметена како година во која понудата ќе се израмни со побарувачката. Нашите очекувања се дека ќе се гради не помалку од 2025 година во регионите во кои имаше голема трансакциска активност во годината која измина, тука пред се би ги издвоил полошкиот, пелагонискиот но и скопскиот регион, вели Серафимовски.

Од агенциите за недвижности за „Локално“ велат дека во 2026 година цените ќе продолжат да растат, но на малите станови кои се уште се многу атрактиви и кои многу брзо се продаваат. Од друга страна, пак сметаат дека ќе има стагнација на цените на квадратот на големите станови кои потешко се продаваат.

Според податоците на Народна банка, во четвртиот квартал од минатата година недвижностите поскапеле за 25 проценти на годишно ниво, а за 3,2 проценти на месечно. Во претходниот, третиот квартал од минатата година, цените на недвижностите забележаа раст на годишно ниво од 25,1 процент во третиот квартал, по растот од 19, 5 проценти во првиот и од 19,9 проценти во вториот квартал.

Последните податоци од Државниот завод за статистика објавени за октомври лани,  покажуваат дека  од 446  одобренија за градење, 289 (64,8  проценти) се наменети за објекти од високоградба, како и дека е  предвидена изградба на 1.177  станови.

Б.С.