Од работилницата на „Barcelona Gipsy balKan Orchestra“ доаѓа прекрасна преработка на македонската народна песна „Море сокол пие“.
Песната е во изведба на вокалистката Маргерита Абита.
Таа е дел од составот Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO), интернационален ансамбл, чија база е Барселона. Специфични по составот, но и начинот на кој ја интерпретираат традиционалната музиката – Barcelona Gipsy balKan Orchestra се вистински мелем за душата, а новиот дух кој ѝ го даваат на музиката од Балканот, Средниот Исток, но и Медитеранот е магија за сите сетила.
„Традицијата на Македонија е собрана во една приказна, една песна, една емоција. Средбата на БГКО со вечната мелодија чија тежина низ вековите обележала генерации… Старата изрека вели: „Низ Босна не пеј, низ Србија не играј, а низ Македонија ниту пеј ниту играј…“ А, сепак, еден нов поглед на стара љубов, карактеристика на оркестарот закотвен во градот на Гауди. Инспирирани од природата со која биле опкружени и концертот чија енергија им останала во сеќавањата, БГКО врзува три балкански земји во една приказна – двете страни на езерото Скадар низ призмата на македонскиот сокол“, велат во објаснувањето зошто ја одбрале токму „Море сокол пие“.
BGKO го сочинуваат: Маргерита Абита (вокал, Италија), Матиа Скироса (хармоника, Италија), Џулиен Шанал (гитара), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Дани Карбонел (кларинет, Каталонија–Шпанија) и Олесандр Сора (виолина, Украина)/Пере Ноалск Туру (виолина, Каталонија – Шпанија).