Интерпелациите за министрите денеска пред народните избраници

од Nikola Popovski
43 прегледи

Денеска пред пратениците се интерпелациите за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени. Сите интерпелации против владините функционери се поднесени од Европскиот фронт, предводен од ДУИ и тоа по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.

Интерпелацијата, пак, за пратеничката Илире Даути ја поднесе Левица на крајот на ноември. Во образложението од партијата се вели дека откако била изгласана потребата за носење на овој закон, Даути не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот за бранители на дневен ред.

„Изет Меџити, како прв заменик – претседател Албанец на Владата и претставник на албанскиот народ во владата, е одговорен за управувањето со ситуациите кои се случуваат во земјата вклучувајќи ги меѓуетничките односи. Наместо да делува како гарант за мирот и меѓуетничката интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедица и да придонесе за зачувување на општествената хармонија. Напротив, тој толерираше дискриминација и молчеше за неправдите кон оваа заедница“, напишаа од ДУИ во интерпелацијата за Меџити.

Интегративците бараат одговорност од Стоиљковиќ затоа што според нив, дозволил ситуацијата да ескалира, со што се создала атмосфера на тензија и поделби меѓу етничките групи.

Во интерпелацијата за Тошковски, од Европскиот фронт напишаа:

„Министерството за внатрешни работи не успеа да преземе мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните и за заштита на нивните права на еднаков начин. Кога се случуваат вакви инциденти, должност на министерот за внатрешни работи е да обезбеди спроведување на законот за сите без дискриминација и да интервенира со професионализам и воздражаност за да се спречи ескалација на насилството. Неспособноста да се направи тоа, доведе до опасна криза за мирот и стабилноста во земјата“, објавија интегративците.

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува дека интерпелациите на министрите ќе бидат успешни. Очекува и говор кој би можел да побуди чувства на етничко непријателство. Смета дека сите овие напади на неговите членови на владиниот кабинет се неосновани.

За вицепремиерот Изет Меџит ова е само обид на интегративците за дефокус на јавноста. Преку дестабилизација и магла ДУИ сака да се спаси од правдата, вели Меџити.

Социјалдемократите веќе се изјаснија дека нема да ги поддржат интерпелациите на министрите. Сепак пратеничката група на СДСМ на координација ќе го усогласи настапот на нивните пратеници за време на интерпелациите.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на 26 декември рече дека за секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор.

Слични содржини