Интерпол распиша потерница по водачот на групата „Лев Тахор“, Џонатан Емануел Кардон Кастиљо (23). Кастиљо е баран од Гватемала под обвиненија кои вклучуваат трговија со луѓе, силување и злоупотреба на малолетници, се вели во црвената потерница на меѓународната полициска организација.
Седиштето на „Лев Тахор“ е во Гватемала.
Околу триесет членови на екстремната еврејска секта „Лев Тахор“ останаа во Босна и Херцеговина на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година. Тие во еден период живееја и во Македонија.
Асошиејтед прес (АП) потврди дека Кастиљо е водач на групата, повикувајќи се на полицијата и обвинителството во Гватемала.
Кастиљо е државјанин на Гватемала, каде што е сместен Лев Тахор, и зборува хебрејски и шпански, се вели во соопштението. Властите на Гватемала го претресле комплексот на Лев Тахор на 20 декември, по пријава за злоупотреба и привеле повеќе од 160 малолетници и 40 жени, пренесува АП.
Од Босна преку Црна Гора до Куманово и Скопје, тоа беше патот кој во февруари 2022 година го минаа членовите на еврејската религиозна група, позната под името Лев Тахор. Во Македонија прво дојдоа во Куманово. Но, името на групата со која се врзуваат повеќе контроверзии, нивните религиозни практики како и невообичаен изглед – црната облека кај жените и девојчињата, или специфичната облека кај мажите не мина незабележана меѓу локалното население.
Така, групата стана предмет на страв, по што следеа закани и фрлања предмети кон куќата каде под кирија беа сместени нејзини членови. Затоа полициско обезбедување имаше при нивната преселба вчера, од Куманово во Скопје. Стануваше збор за 37 лица, од кои 18 беа деца.
Лев Тахор е еврејска религиозна група основана во 1988 која во моментот се состои од 250 членови. Поради невообичаените верски практики, но и многубројните обвиненија за киднапирање и сексуална злоупотреба често се карактеризирани како секта. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале во САД, Канада, Израел и Романија.
Некои од членовите на Лев Тахор беа обвинети за злоупотреба на деца, поради што и често го менуваат местото на живеење. Лидерите на Лев Тахор во април 2021 беа обвинети во Соединетите Американски Држави за малтретирање деца. Конкретно, според обвинението објавено на американското министерство за правда, водачите на екстремистичката еврејска секта беа обвинети за учество во шема за киднапирање на 14-годишно девојче во Њујорк за да ја изнесат преку граница и повторно да ја спојат со нејзиниот возрасен сопруг во Мексико.
Од ФБИ тогаш им се заблагодари на нивните партнери во Мексико и Гватемала за соработката во откривањето на лидерите на Лев Тахор, а тамошните власти тврдеа дека децата во групата често се предмет на физичка, сексуална и емоционана злоупотреба.