Интервју со Николоски: Коридорите 8 и 10д ќе ги подобрат условите за живот и водење бизнис, а тоа значи поголема конкурентност на нашата економија

од Vladimir Zorba
965 прегледи

Зад договорот за Коридорите 8 и 10 д стои меѓународен конзорциум, со искуство во реализација на вакви проекти, донесен е Закон за неговата реализација, што е усвоен во Собранието на РСМ, повеќе институции беа вклучени во преговорите и тоа носи само по себе одговорност.  Доколку има некакво сомнение од кој било, за тоа постојат надлежни органи и таму треба да се водат постапките. Веќе и беше објавено во јавноста дека Антикорупциска комисија отвора предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата, вели во интервју за „Локално“ заменик-министерот за финансии на РСМ, Филип Николоски.

Важно е, според него, тука да се истакне важноста од реализација на овој проект дека средствата одат за капитален проект, „за подобрување на условите за живот, за подобрување на условите за водење бизнис, за поголема конкурентност на нашата економија, како и за полесно поврзување со коридорите од регионот“.

За најавата на пекарите дека ќе поднесат тужба за губитоците кои ги трпат поради замрзнување на цената на лебот на 33 денари, Николоски е дециден дека „одговорност мора да има при спроведување на политиките“.

-Мерки се носат и при тоа треба да се видат и ефектите, затоа што не може да се применува нешто за што се трошат пари од Буџетот, пари на граѓаните, а тоа да не дава резултати!, порача заменик-министерот.

Во однос на инфлацијата, Николски истакна дека за 2023 година нивната проекција за стапката на инфлација е 7,1 отсто.

-Секако не треба да заборавиме дека неизвесноста во глобални рамки се уште постои и треба да бидеме подготвени да се приспособуваме на тие услови, бидејќи ова е феномен со кој се соочуваат сите земји, а не само ние. Ние не може да влијаеме да ги смениме тие услови, но можеме да креираме политики со кои ќе ги заштитиме граѓаните и ликвидноста на компаниите. И тоа го правиме постојано, вели тој.

Потпишан договорот за Коридорите 8 и 10Д. Многу врева се крена околу потпишувањето и контроверзиите што го пропратија. Колку е всушност важен проектот за Македонија и иднината на земјата?

-Инвестициите во крупни инфраструктурни проекти секогаш се враќаат. Тие се инвестиции на долг рок, со далекусежно влијание, инвестиции во развојот, инвестициите во идните генерации. Ова е значаен инфраструктурен проект за Владата, кој е дел од  приоритетите за периодот 2022-2026 година насочени кон имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството,  заштитата на животната средина.

Предвидени се 1,3 милијарди евра за реализација на овој проект, и тоа буџетски средства. Тоа се средства од кои најмалку половина ќе завршат во домашната економија, што значи придонес за забрзан економски раст и повисоки стапки на БДП, кои во наредниот период се проектирани просечно на ниво од околу 5 %.

Станува збор за четири нови модерни автопата во должина од 110 километри со кои ќе овозможиме ново модерно поврзување помеѓу Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и Прилеп-Битола на Коридорот 10Д. Заокружување на проектот и целосна изградба се очекува за пет години, а зад целиот проект стои меѓународен конзорциум со големо искуство.

Имено, зошто значаен, ќе споделам податокот дека предвидената динамика вели 110 километри автопат, за пет години, а од осамостојувањето во земјава се изградени автопати во должина од 186 километри, за период од 30 години. Тоа само по себе ја кажува големината на овој проект и неговото значење.

Опозицијата обвинува дека Владата затвора очи пред сомнителниот кредибилитет на компаниите кои ги надгледуваат Коридорите 8 и 10-Д и како што велат контроверзиите што ја следат компанијата ЕПТИСА, која како што тврдат, од забрането „јаболко“ се претвори во една од најсигурните компании кога се во прашање проекти кои чинат над 1 милион евра. Како ги коментирате овие обвинувања како ресор?

-Не би сакал да го врзувам овој историски капитален проект со дневна политика за добивање поени. Зад овој договор стои меѓународен конзорциум, со искуство во реализација на вакви проекти, донесен е Закон за неговата реализација, што е усвоен во Собранието на РСМ, повеќе институции беа вклучени во преговорите и тоа носи само по себе одговорност.  Доколку има некакво сомнение од кој било, за тоа постојат надлежни органи и таму треба да се водат постапките. Веќе и беше објавено во јавноста дека Антикорупциска комисија отвора предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата.

Но овде е важно да ја истакнеме важноста од реализација на овој проект дека средствата одат за капитален проект, за подобрување на условите за живот, за подобрување на условите за водење бизнис, за поголема конкурентност на нашата економија, како и за полесно поврзување со коридорите од регионот.

Се замрзна цената на лебот на 33 денари. Пекарите најавија тужба поради, како што велат, големи штети што ги претрпеле. Каков исход очекувате од тужбата?

-Не би сакал да коментирам нешто што е во надлежност на независната судска власт. Доколку има таква постапка ќе се изјаснат оние во чија надлежност е предметот. Јас само би укажал дека Владата во континуитет носи мерки за справување со енергетската и ценовната криза. Се анализираат состојбите, се преземаат одредени чекори и доколку се утврди во текот на примената на одредени мерки дека не ги дале очекуваните резултати, се пристапува кон  други мерки. Тоа беше случај и со мерката за субвенционирана цена на електричната енергија за пекарската, млечната и месната индустрија.

Поради високите цени на електричната енергија, Владата во ноември 2022 година излезе во пресрет да обезбеди поевтин енергенс за производство на производите од овие основни индустриски гранки, со крајна цел, тоа да се одрази врз малопродажната цена на производите за да се заштити стандардот на граѓаните. Со одлука на Владата  од Буџетот беа наменети 3 милиони евра за субвенционирана струја за овие три индустрии со старт од декември. Анализите и контролите што беа спроведени за да се види дали таа мерка дава резултати, покажаа дека тоа не даде ефект и не влијаеше на крајните цени по кои ги купуваат граѓаните производите кои им се најнеопходни. Станува збор значи за основни производи. Затоа се одлучи да се премине кон замрзнување на цената на лебот и сега следуваат тестенини, млечни производи, шеќер, ориз и јајца.

Одговорност мора да има при спроведување на политиките.  Мерки се носат и при тоа треба да се видат и ефектите, затоа што не може да се применува нешто за што се трошат пари од Буџетот, пари на граѓаните, а тоа да не дава резултати!

Инаку, генерално, би посочил дека политиките што ги спроведуваме за справување со кризата имаат ефекти и дека тоа го регистрира и Државниот завод за статистика, со намалување на стапката на инфлација веќе четири месеци по ред. Натамошно намалување и стабилизирање на стапката на инфлација се очекува и во наредниот период.  Средства за нови антикризни мерки во Буџетот има. Планирани се 225 милиони евра, а деновиве за спроведување на тие мерки добивме и грант од ЕУ во износ од 80 милиони евра.

Дали како Владата имате план да продолжите со други мерки за помош на граѓаните во следниот период и остатокот од годината?

-Владата во континуитет носи мерки за справување со последиците од кризата, почнувајќи уште во 2020 година со кризата предизвикана од пандемијата од ковид-19. Донесовме шест пакети антикризни мерки во вредност од 1,2 милијарди евра и дополнително уште два пакета од над 760 милиони евра за справување со енергетската и ценовната криза. Со поддршката продолжуваме. Во Буџетот, кој е усвоен во Собранието, предвидени се 225 милиони евра за антикризни мерки.

Дополнително што е надвор од овие пакети се политиките за раст на платите и пензиите. Минималната плата од овој месец се зголемува за над 12% и ќе изнесува над 20.100 денари. Тоа значи дека нема да има граѓанин кој работи на полно работно време, а кој ќе зема помала плата од ова. Тоа е системско решение со кое ги усогласуваме платите со растот на просечната плата и трошоците на живот.

Исто така и пензиите се зголемуваат од овој месец, па така пензионерите ќе добијат повисоки пензии за над 8%. Во текот на оваа година пензиите ќе имаат повторно раст, согласно утврдената методологија за усогласување со трошоците на живот во септември.

Инфлацијата ги крена цените во маркетите на невидени досега нивоа. Ваше предвидување за тоа кога ќе се стабилизира ситуацијата и дали очекувате уште поголемо зголемување на инфлацијата кон крајот на годината?

-Инфлацијата во земјава веќе има тренд на намалување. По постигнување на врвот, односно највисоката стапка од 19,8 % во октомври 2022 година стапката на инфлација бележи постепено и постојано намалување. Така во ноември се спушти на 19,5%, во декември се спушти на 18,7 %, јануари 17,1 %, и февруари веќе на 16,7 %. Таквиот тренд на намалување се очекува да продолжи и да се стабилизира стапката на инфлација во текот на оваа година.

За 2023 година нашата проекција за стапката на инфлација е 7,1 %. Секако не треба да заборавиме дека неизвесноста во глобални рамки се уште постои и треба да бидеме подготвени да се приспособуваме на тие услови, бидејќи ова е феномен со кој се соочуваат сите земји, а не само ние. Ние не може да влијаеме да ги смениме тие услови, но можеме да креираме политики со кои ќе ги заштитиме граѓаните и ликвидноста на компаниите. И тоа го правиме постојано.

Војната во Украина се уште беснее и никој не знае како ќе заврши. Сето тоа влијаеше на цената на енергенсите и нивно зголемување. Каква е стратегијата во однос на увозот и производството на енергенси и очекувате ли намалување на цената на струјата?

Војната во Украина се уште трае и не може никој со точност да каже до кога. Но кризата, како велиме не прави посилни, затоа што не исправа пред предизвици за кои треба да изнаоѓаме решенија веднаш и сега и да излегуваме помудри. Во изминатиот период, веќе подолго од една година, затоа што енергетската криза започна и пред војната во Украина, но се засили влијанието со нејзиниот почеток во февруари минатата година, веќе како Влада направиме план како граѓаните и компаниите да имаат навремено, редовно, сигурно снабдување со електрична енергија. При тоа, изнајдовме сили и начини и цената за домаќинствата и за над 70 илјади мали компании да добијат субвенционирана цена на електричната енергија.

Стратегијата наша се темелеше на тоа да се активираат сите домашни расположливи капацитети за производство на електрична енергија за да се задоволи најголемиот дел од потребите од домашни извори, особено во зимскиот период, кога потребата заради загревањето на објектите, е поголема. Ги ставивме во погон сите блокови на РЕК Битола, го активиравме ТЕЦ Неготино, ТЕЦ Осломеј..  Еве веќе сме кон крајот на таа грејна сезона и кога би погледнале наназад би констатирале дека немаше рестрикции ниту еден час. Во најголемиот дел од деновите, а што беше објавувано секојдневно во извештаи од страна на Владата, струјата беше обезбедена од домашните капацитети, зборувам секако за регулираниот пазар. Еве можам да споделам податоци дека само во февруари 2023 година, од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино се произведени  вкупно 504.338 MWh електрична енергија, што претставува зголемување за 80 % во споредба со февруари 2022 година.

Така што стратегијата е да се потпреме на домашното производство, а од тука и да се влијае на цената што ја плаќаат граѓаните и компаниите. Имено, и тука направивме промени. Се воведоа блок тарифи, за да се поттикнат граѓаните да трошат рационално, а тоа да остави простор да се намали цената на електричната енергија. Од јануари оваа година, со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика веќе имавме намалување на цената за потрошувачите на регулираниот пазар. Така имаше благо намалување во двата блока за домаќинствата, кои опфаќаат и најголем дел од потрошувачите, но имаше осетно намалување на цената за малите потрошувачи, односно компаниите од регулираниот пазар за 20 %. Сега се прават анализи и се најавува воведување повторно на евтина дневна тарифа.

Зелена транзиција. Дали поради случувањата во светот е ставена на „чекање“?

-Зелената транзиција, која ја најавивме како Влада и пред кризата, не само што не е ставена на, како викате вие „на стоп“’, туку се одвива и со позабрзана динамика од претходно планираното.

Последните податоци покажуваат дека интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија расте. Од почетокот на 2022 година заклучно со крајот на февруари 2023 година има поставено фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати. Интерес има за вакви централи од многу компании во последната година. Така од изминатата година се издадени лиценци за вкупно инсталиран капацитет од 106,5 мегавати. За ветерни електроцентрали издадени се лиценци за инсталиран капацитет од 36 мегавати, 7,2 мегавати за мали хидроцентрали и 2,5 мегавати за електрани на биогас.

Минатиот месец се потпиша договор со КфВ развојната банка за реализација на инвестиција во енергетскиот сектор со која ќе се продолжи векот на шест големи хидроелектрани и ќе се зголеми капацитетот  за дополнителни 13,5 МW, додека производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5  GWh  годишно. Средствата во износ од 36,2 милиони евра се обезбедени преку заем од КфВ банката и грант од ВБИФ фондот на ЕУ и германската Влада. Покрај рехабилитацијата на шесте хидроцентрали, кои се дел од пакетот од 53 милиони евра од ЕК за капитални инвестиции, одобрени се средства и за изградба на ветерен парк во Богданци и неколку други проекти во енергетскиот сектор.

Сето тоа е дел од големиот план на Владата за зголемување на производството од домашни капацитети, со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето и стабилност на цената на електричната енергија, а со тоа и да се поддржи стандардот на граѓаните и конкурентноста на нашата економија.

Сите овие напори се кон остварување на поставените цели во Стратегијата за развој на енергетиката на РС Македонија до 2040 година да ги намалиме  емисиите на стакленички гасови за 61% споредено со 2005 година и учество на обновливите извори на енергија од 45% во бруто потрошувачка на финална енергија.

Од Синдикатот на вработените во Министерството за финансии најавуваат масовни штрајкови, ако денеска толкувањето на чл.66 од Законот за буџети, биде дека само некои треба да добијат 30 отсто зголемување на платата. Дали ќе им се исполнат барањата?

-Прашањето за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии не произлезе од барања на вработените, преговори со вработени, или со некој синдикат. Тоа беше и сеуште е интенција на нас како раководството во Министерството за финансии. Целта е да се задржи квалитетниот и професионален кадар во институцијата, која, како што споменуваме постојано е поддршка на сите останати државни и јавни институции во секојдневниот процес на нивното работење.

Се работи на решавање на ова прашање, за кое се отворија дилеми при примената на членот од новиот Закон за буџети со кој беше регулирано тоа. И затоа сакаме тоа да се реши системски, што во иднина нема да остави простор за различно толкување.

Опозицијата постојано бара предвремени избори. Како тоа би се одразило на економијата доколку сега имаме избори во наредните два месеци?

-Секако дека во време на избори економијата секогаш како да застанува. Законските прописи имаат опдредени ограничувања во спроведување постапки што се однесуваат на јавните инвестиции, од друга страна приватните инвестиции се во застој од очекувањата што ќе се случи на политичката сцена. И тоа е нешто што го забележува и бизнис заедницата, која апелира дека премногу чести изборни циклуси негативно влијаат на економијата. Дополнително на тоа е што во моментов се уште е голема неизвесноста со случувањата во Украина, со цените на енергенсите, што дополнително ги усложнува, и онака сложените услови за стопанисување на компаниите.

Затоа, во овој момент, треба да се фокусираме да обезбедиме стабилност во работењето, во заштита на стандардот на граѓаните, во стабилност во обезбедување со енергенси и слично. И тоа како Влада го покажавме и во изминатиот период со носење адекватни политики со кои влијаевме да се намали притисок врз растот на цените на енергенсите и на основните прехранбени производи. Ова особено што станува збор за глобален феномен и состојби на кои ние како мала земја не може да влијаеме да ги промениме, но ги вложуваме напорите да се адаптираме на новите услови и да ја поминеме кризата со најмали можни последици.

Хипотетички само да замислиме. За два месеца веќе се закажани избори. Тоа значи дека согласно законските прописи ќе имаме распуштен Парламент, Влада која ќе функционира како на техничко ниво, ќе застанат сите крупни инфраструктурни проекти како и други капитални проекти. Тоа има значајна улога врз економијата. Во овој период целиот напор треба да го вложиме во надминување на кризата. Тоа е одговорност на актуелниот владин состав. А граѓаните се тие што ќе кажат како сме се справиле со кризата што ја имавме во целиот овој мандат. Тестот ќе бидат редовните изборите, веќе во следната година.

В.З.

 

Слични содржини